Од најголема важност е европските институции и земјите-членки на ЕУ да задржат цврст став дека Приштина конечно треба да почне да ги исполнува своите обврски, што пред сè се однесува на формирањето на Заедницата на српските општини, вели српскиот претседател

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во Париз разговарал со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.
Вучиќ на својот Инстаграм профил објави дека разговарале за актуелната ситуација на Косово, европскиот пат на Србија, но и за усогласување на надворешната политика на Србија со ЕУ.
„Истакнав дека е од најголема важност европските институции и земјите-членки на ЕУ да задржат цврст став дека Приштина конечно треба да почне да ги исполнува своите обврски, што пред сè се однесува на формирањето на Заедницата на српските општини“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека Приштина на тој начин и на дело ќе ја покаже својата „наводна“ посветеност за продолжување на дијалогот и за решавање на сите отворени прашања.
„Се согласивме дека е неопходно да се спуштат и смират тензиите и рационално да се решаваат проблемите, на што Србија секогаш инсистира“,
рече српскиот претседател.
По средбата со Борел и Лајчак, Вучиќ пред новинарите изјави дека не гледа компромисно решение.
Тој изјави дека косовскиот премиер Аљбин Курти се обидува да ги „протера Србите“ со еднострани потези.
Тој рече дека не верува оти на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 14 ноември ќе се дојде до решение.