Претставници на организаторите на протестите „Србија против насилството“ минатата недела му предадоа на Претседателството на Србија барање за распишување парламентарни и белградски избори
Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, денеска изјави дека е подготвен да разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за барањата на опозицијата за предвремени парламентарни избори и дека е техничко прашање дали тие би се одржале во декември оваа година или во јануари или февруари идната година.
Вучевиќ, кој е и министер за одбрана, за телевизијата Прва изјави дека не ја исклучува можноста во Србија да има избори до крајот на годината или на почетокот на следната.
„Ако некој мисли дека сме го изгубиле легитимитетот, подготвени сме тоа да го провериме на гласачките места“,
рече Вучевиќ.
Тој изјави дека СНС е подготвена да разговара за сите избори, за „републички, локални, покраински, сѐ може да биде дел од пакетот политички договор“.
Претставници на организаторите на протестите „Србија против насилството“ минатата недела му предадоа на Претседателството на Србија барање за распишување парламентарни и белградски избори.
Во документот, меѓу другото, пишува дека Србија е во длабока политичка и општествена криза.
„Секојдневното институционално, правно, вербално и физичко насилство во општеството не се намалува, економската и социјалната криза ги погодува широките слоеви на општеството, барањата на граѓаните кои протестираат со месеци се игнорирани. Потребни ни се одговорни луѓе во политиката кои ќе ги решаваат проблемите наместо да ги игнорираат“,
се наведува во барањето на организаторите на протестите „Србија против насилството“.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред два дена во Ниш изјави дека го добил писмото од опозицијата во кое се бара одржување избори и најави дека наскоро ќе донесе одлука.
„Го прочитав писмото од партиите од поранешниот режим, 95 отсто од нив се од поранешниот режим. Велат дека изборите мора да се распишат до крајот на декември, што значи дека би се одржале најдоцна до 2 март, но ќе видам, можеби ќе биде и пред тоа. Тоа можеа веднаш да го кажат, наместо четири месеци да лажат дека се против и да ми се закануваат дека ќе ме тепаат и дека ќе пливам по Дунав ако ги распишам“,
изјавил Вучиќ.
Тој додаде дека опозицијата ќе биде задоволна од неговата одлука, но дека нема да биде задоволна од народот.