„Со користењето коска од кадавер, оперативниот зафат трае многу пократко и не остава дефект на друго место кај пациентот, а и корекцијата е многу постабилна“, велат од Министерството за здравство

На Клиника за ортопедија е извршена успешна трансплантација со коска од починат донор, соопшти Министерство за здравство.
Трансплантацијата, која е втора изминатото деноноќие, е извршена на 19-годишен пациент за корекција на деформитет на стапало како резултат на церебрална парализа.
„Во минатото корекција на деформитет се правела со користење на дел од надворешната коска на потколеницата која се земала од пациентот. Притоа се појавувал дефект кој тешко се коригирал. Со користењето на коска од кадавер, оперативниот зафат трае многу пократко и не остава дефект на друго место кај пациентот, а и корекцијата е многу постабилна“,
се наведува во соопштението.
Екипата што ја извршила трансплантацијата ја предводел проф. д-р Зоран Божиновски со анестезиологот д-р Лилјана Ангелеска и асистентите д-р Теодора Божиновска и Кристина Јордановска, заедно со средномедицинскиот кадар Менче Дојчиновска и Оливера Лазаревска.
„Експертизата и стручноста остануваат наш императив и силно сме фокусирани на нови методи и процедури во трансплантацијата“,
вели проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Вчера од Министерството за здравство информираа дека е извршена успешна трансплантација на Клиниката за ортопедија, со имплант, односно коска од починат донор, што е имплантирана на два прста кај 13-годишно дете со брахидактилија.
Како што истакнуваат од Министерството, ова е за првпат кај нас да е извршен ваков тип трансплантација. Детето, нагласуваат од Министерството, е со уреден постоперативен тек.
Во пишаната изјава на проф.д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, се наведува дека тие ќе продолжат со уште посилно темпо, заедно со сите чинители, да ја подигнуваат свеста за овој акт на човекољубие.
Тимот што учествувал во оваа трансплантација бил предводен од д-р Даница Поповска и доц.д-р Илир Шабани, како и од здравствените работници д-р Лилјана Ангелеска, д-р Теодора Божиновска, д-р Филип Видоевски, инструментарки Сузана Пејчиновска, Арјета Мемети, анестетичар Менка Дојчиновска, радиолошки технолог Крешник Шеху и гипсер Ирена Галевска.

