На Универзитетската клиника за инфективни болести во Скопје почина 85-годишен пациент со масивна бронхопневмонија како компликација од грип од типот AH1.
Од Клиниката информираат дека пациентот имал и деменција и претходно прележана туберкулоза.
Ова е втор смртен случај од компликација од грип по минатонеделниот кога девојче на 14-годишна возраст почина на Универзитетската клиника за детски болести.
На Одделот за интензивно лекување, како што посочуваат од Клиниката, во животозагрозувачка состојба е и 38-годишен пациент, кој има масивна пневмонија и е на механичка вентилација со потврден грип до типот AH1.
На Клиника за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 47 пациенти со клиничка слика на грип и компликации од кои четири се лабораториски потврдени. Прегледани биле 38 пациенти со клиничка слика на грип од кои двајца пациенти со бронхопневмонија како компликација се задржани на болничко лекување. Најголем дел од пациентите се на возраст од 15 до 64 години.