„360 степени“ побара став и од Јавното обвинителство за тоа дали фактот што три месеци биле чувани во фиока неправилности откриени во станица за технички преглед, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот, е доволна причина да се отвори предмет, но до овој момент не добивме одговор
Министерството за внатрешни работи продолжува да молчи по објавата на „360 степени“ дека во работата на станицата за технички преглед во која бил регистриран и автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија, биле утврдени серија непривилности уште во август, но предлогот за нејзино затворање повеќе од три месеци се чувал во фиока.
Откако на прашањата испратени на 25 декември 2021г. не добивме одговор, денеска уште еднаш се обративме во службата за односи со јавност со прашањето – зошто МВР донело решение за забрана на работата на станицата на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“ дури на 26 ноември 2021 година (три дена по несреќата на автобусот на „Беса транс“ во Бугарија), а не во моментот кога е изготвен предлогот за забрана за работа од стручните служби – во август 2021 година. Но, МВР и натаму останува без одговор.
Како што објави „360 степени“, неправилностите во работењето на станицата за технички преглед во с. Глумово, Општина Сарај, биле утврдени на 12 август, по што надлежните служби во МВР уште истиот месец изработиле предлог за забрана на работа на станицата.
Од увидот на лице место и во снимениот материјал за извршени технички прегледи, меѓу другото, било утврдено дека во контрола на возила во станицата учествуваат нестручни лица, со што се овозможува во сообраќајот на патиштата да учествуваат технички неисправни возила, односно возила кои може да претставуваат опасност по безбедноста на сообраќајот на патиштата.
„Констатирано е дека во постапката на технички преглед … врши проверка … и лицето Е.Д. …, кој е ученик во АСУЦ ’Боро Петрушевски’ …, кој во станицата е дојден со договор за феријална практика. Исто така, возилата при вршење на технички преглед се управуваат од управителот на правното лице Ј.Н., кој не е контролор во станицата за технички преглед и не ги исполнува условите за контролор…“
се вели во решението на МВР.
Дополнително, било утврдено и дека станицата не води регистар на возила за направените прегледи.
„Во наведената станица … не се водат потребните евиденции … односно не се води:
-Регистар за извршен технички преглед на возила,
се вели во решението на МВР.
-Регистар за извршен технички преглед на возила по наредба на полициски службеник,
–Регистар за издадени потврди за извршен преглед на техничка исправност на возила“,
Но, предлогот за забрана за работа на станицата останал непотпишан од министерот Спасовски, со што компанијата продолжила непречено да си работи.
Во меѓувреме, на 5 октомври, во станицата дошол и поминал технички преглед и автобусот на „Беса транс“. На 23 ноември истиот автобусот се запали во Бугарија при што загинаа 45 лица, а само три дена подоцна министерот Спасовски потпишал решение со кое става клуч на станицата на 30 дена. Одлуката е образложена со надзорот и предлогот од август.
Претходно, јавноста не беше известена од МВР дека по несреќата во Бугарија издало забрана за работа на станицата за технички преглед во Глумово. Истиот ден кога ставил потпис на решението, Спасовски на прес-конференција кажа само дека при техничкиот преглед на автобусот на „Беса транс“ не биле утврдени пропусти.
За тајмингот и околностите во кои е изречена забраната за работа, не сакаше да коментира ниту сопственикот на станицата за технички преглед, Џемаљ Нуиши.
„360 степени“ чека одговор и од Јавното обвинителство за тоа дали фактот што три месеци биле чувани во фиока неправилности откриени во станица за технички преглед, со што се доведува во прашање безбедноста во сообраќајот, е причина обвинителството да отвори предмет.
Во Основното јавно обвинелество Скопје засега се води предистражна постапка, чија цел се пропусти во работењето на „Беса транс“, но и другите инволвирани приватни и државни субјекти. Главната истрага за причините за автобуската несреќа, пак, се води во Бугарија.
This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.