Москва упати и апел до жителите на украинскиот главен град да не се движат во близина на административните и воените згради, бидејќи, како што соопшти руското Министерство за надворешни работи, новиот бран системски напади ќе биде насочен кон „центри за носење одлуки и командни локации“, како и фабрики во кои се произведуваат беспилотни летала, а кои се лоцирани во Киев и околните области
Русија денеска се закани со нов бран „систематски напади“ врз цели во Киев – неколку дена откако нејзините сили извршија еден од најголемите напади врз главниот град на Украина од почетокот на војната, пренесе Би-би-си.

Новите напади ќе бидат насочени кон центри за носење одлуки и командни места, како и фабрики во кои се произведуваат беспилотни летала, а кои се лоцирани во градот, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Истовремено, Москва ги повика странските државјани и дипломатите да го напуштат Киев што е можно поскоро, а упати и апел до жителите на украинскиот главен град да не се движат во близина на административните и воените згради.
Во жестоките руски напади врз Киев и други области во саботата вечерта, како што изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, загинаа четири лица, а стотина беа повредени. Во меѓувреме Москва соопшти дека баражот од викендот и заканата со понатамошни напади се одговор на украинскиот напад врз студентскиот дом во градот Старобилск во петокот, во кој загинаа 21 лице, а кој, според Кремљ бил извршен намерно.
Од друга страна, украинската војска тврди дека нејзините сили погодиле елитна руска единица во областа во источна Украина окупирана од Русија, задолжена за маневрирање со беспилотни летала и дека воопшто цел не им биле цивилни објекти.
Инаку, Русија започна серија смртносни напади со ракети и беспилотни летала врз Киев по краткото примирје кое се совпадна со традиционалната парада за Денот на победата во Москва. Кратко по истекот на примирјето претходно во текот на месецов, во руските напади врз Киев загинаа 24 лица, меѓу кои и три деца, во станбена зграда. Неколку дена подоцна, руските власти соопштија дека три лица се убиени во голем украински напад со беспилотни летала врз московскиот регион, а Зеленски рече дека нападите биле целосно оправдани и дека се одговор на смртоносните руски напади.
Потоа Киев претрпе еден од најголемите воздушни напади во војната во текот на ноќта во саботата.
Видеата објавени на социјалните медиуми покажаа експлозии што го осветлуваа небото над Киев, а голем број жители на украинската престолнина пријавија дека во нападите биле погодени бројни цивилни цели.
Русија во нападите врз Киев употреби десетици балистички и крстосувачки ракети, како и стотици беспилотни летала, а истрела и хиперсонична ракета „Орешник“ врз областа Бела Церква, која се наоѓа 90 километри јужно од главниот град на Украина.
Во нападите беа уништени цивилни цели, меѓу кои и музејот „Чернобил“, во историскиот округ на Киев, како и Националниот музеј на уметноста. Трговски центар, пазар и неколку станбени згради во областа Лукановка, исто така, беа уништени во големиот руски напад викендов.
