Со еден ваков паметен систем, државата знае каде е жртвата во истиот момент, кои се најблиските полициски службеници што може да се упатат кон жртвата, каде е најбрзата здравствена услуга којашто може да биде дадена, каде е најбрзиот социјален одговор од страна на експерти коjшто може да биде даден и така натаму, појаснува Тошковски
Во однос на обвинувањата на СДСМ, кои тврдеа дека со ваквата идеја МВР планира да инсталира шпионски софтвер, Тошковски одговара дека опозицијата има „сулуда имагинација“

Ако жртвите на насилство се охрабрат да побараат помош, прашање е како државата најсоодветно да одговори. Вака министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја брани идејата за воведување дигитална алатка, преку која, при повик, полицијата ќе може да го преземе аудио и видеосигналот од телефонот од којшто се јавува жртвата. Таков паметен систем делумно функционира и сега, оти се снима разговорот при вртење на единствениот број за итни случаи 112, вели Тошковски.
Тошковски: Една од идеите коишто ги видов практично на терен во Америка беше и еден таков паметен систем којшто делумно го имаме и сега. Односно и сега кога ќе се јавите на 112, ве известуваат „почитувани, разговорот се снима“ и навистина се снима и тоа утре-другиден се користи како доказ во постапка. Е сега, освен можноста да се сними разговорот на 112, со алатки коишто се лесно достапни до безбедносните органи и до, да речам државата, од аспект на ставање во функција на еден попаметен систем, да може да се снима и видеозаписот којшто би можеле да го направиме со секој еден мобилен телефон.
360°: Тоа нели е веќе влегување во домот на оној којшто…
Тошковски: А, нели е влегување во домот со звукот? Ако жртвата е загрозена, ако жртвата е во момент на нужна потреба од страна на институциите, не сметате ли вие дека правото на живот е посилно од правото на приватност? Јас сметам лично, на крајот на денот, правото е и тоа – да утврдите поголеми права согласно нивното општествено значење во рамки на едно здраво нормално општество.
360°: Како ќе биде оневозможена злоупотребата?
Тошковски: Е тука е друго прашање. Значи, и денеска имаме снимање на 112, и денес се снима гласот, се известува граѓанинот којшто ѕвони дека се снима неговиот глас и тоа се става во одреден доказен материјал во рамки на институциите. Ние говориме со согласност на жртвата. Само со согласност на жртвата.
Тој повтори дека откако жртвата ќе даде согласност, институцијата (МВР) ќе ја вклучи камерата.
360°: Ама тогаш тоа е интрузивно. Вие значи ќе го преземете телефонот на тој човек.
Тошковски: Видете сега, пак ќе ве прашам: сакаме да зборуваме за јакнење на институционалниот капацитет, сакаме да зборуваме за соодветен одговор во 21. век на предизвиците?
360°: Сакаме, но со строга контрола.
Тошковски: Апсолутно да. Апсолутно да. Кога говориме, особено за право на живот, не можеш да го компарираш со ниедно друго право. Правото на живот не можеме, пак ќе повторам, да го компарираме со било кое друго право. Така што можноста со еден ваков паметен систем државата да знае каде е жртвата во истиот момент, кои се најблиските полициски службеници што може да се упатат кон жртвата, каде е најбрзата здравствена услуга којашто може да биде дадена, каде е најбрзиот социјален одговор од страна на експерти којшто може да биде даден и така натаму. Да говориме за еден паметен систем којшто, зошто да не, би ги вклучил невладините организации, во делот на одговорот и притоа сето тоа да биде во еден електронски систем којшто ќе треба да биде максимално респонзивен, максимално брзо респонзивен, а притоа секој еден доказ којшто го обезбедуваме веднаш да влезе во рамки на систем кој – не само МВР, и судот, и обвинителството ќе го имаат на дофат на рака.
Министерот потенцира дека идејата сè уште се разработува, како и дека допрва би следувале меѓуинституционална координација и евентуална јавна расправа.
Во однос на обвинувањата на СДСМ, од каде што тврдеа дека со ваквата идеја МВР планира да иснталира шпионски софтвер, Тошковски одговара дека опозицијата има „сулуда имагинација“.
Тошковски: Ај да не употребувам некои несоодветни зборови, опозицијава што глуми дека е опозиција измислува тези коишто не заслужуваат ни одговор од аспект на пукање на балонот во насока на сеење на страв, сега, ќе се слушало, ќе се злоупотребувало и така натаму… Сакам да потенцирам дека она коешто го говореше опозицијата, ај што не е вистина, туку е една сулуда имагинација за нешто коешто они сакале или не можеле или не знам што друго, имале план или немале план да го реализираат во рамки на нивните научнофантастични филмови.
360°: Треба ли јавноста да поставува прашања во држава во којашто имавме три случаи на масовно незаконско прислушување?
Тошковски: Апсолутно да, ама да поставува прашања, не да влече тези, заклучоци и така натаму.
Независно од препукувањата на релација власт-опозиција, експертите што ги консултираше „360 степени“, како и Оперативно-техничката агенција (ОТА) повикаа на крајна внимателност при евентуално воведување на дигиталната алатка.
Потребна е засилена борба против семејното насилство, кажаа сите наши соговорници, но земја со историја на неколку случаи на незаконско прислушување и следење како нашата, мора прво да воведе јасни законски механизми за процедурата и контролата.
