Институции и експерти повикуваат на крајна внимателност откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во јавноста лансираше идеја при повик од жртва на семејно насилство полицијата да има дигитална алатка да ги преземе аудио и видео сигналот од телефонот на жртвата, со нејзино одобрување, и да снима
Потребна е засилена борба против семејното насилство, велат сите наши соговорници, но земја со историја на неколку случаи на незаконско прислушување и следење како нашата, мора прво да воведе јасни законски механизми за процедурата и контролата
Апликацијата на шпанското Министерство за внатрешни работи наречена „Алерт Копс“ е дизајнирана, меѓу другото, и за помош на жртвите на семејно и родово базирано насилство. СОС-копчето значи канал за брза реакција на полицијата, преку лоцирање на жртвата и нејзина заштита. Може да се испрати звук, видео или фотографија. Апликацијата е преземена од најмалку два милиони корисници во Шпанија, а достапни се промотивни и едукативни видеа за населението.
Во Македонија семејното насилство добива се поголемо внимание, особено по неколкуте случаи со трагичен исход. Во услови на сензибилизирана јавност, предлог за промени во институционалниот одговор при семејно насилство стигна лично од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Освен што најави камери како дел од униформата на полициските службеници при самото постапување, отиде и чекор понатаму.
„Во план сме да имплементираме нов систем на 112, којшто при повик од страна на жртвата ќе може автоматски да го преземе и аудио и видео сигналот од којшто ѕвони жртвата, со нејзино одобрување секако, и притоа, сите докази што ќе бидат позадински запишани во системот, ќе може да се користат како доказ во постапката во иднина. Ова е научна фантастика во споредба со методите, процесите и условите што сега ги имаме“,
кажа министерот Тошковски во април годинава.

Но, оттогаш, не се објавени детали на темата. Со оглед на скудните информации во јавноста во врска со новината која министерот Тошковски лично ја промовира, прашавме во ресорното министерство како и кога точно планираат да ја имплементираат, какви законски интервенции би имало, дали идеја е искомуницирана, на пример со ОТА и дали се води сметка за заштита на приватноста на граѓани и на тајност на комуникациите.
„Во врска со евентуалното имплементирање на еден таков систем, МВР ве известува дека периодов истиот е во фаза на детална и компаративна анализа и сè уште не се започнати било какви конкретни постапки. За понатамошниот тек на постапките соодветно ќе бидете информирани“,
велат од МВР за „360 Степени“.

За идејата на Министерството за внатрешни работи се обративме до клучната институција за следење на комуникации – Оперативно-техничката агенција или скратено ОТА. Прашавме – дали ОТА, како независен државен орган што обезбедува техничка поврзаност меѓу операторите и овластените органи за следење на комуникациите, е запознаена со иницијативата на министерот за внатрешни работи.
„Информациите со кои во овој момент располага Оперативно-техничката агенција (ОТА) по ова прашање, произлегуваат само од јавните настапи и медиумските изјави на министерот за внатрешни работи“,
велат од ОТА.
Сепак, од ОТА одговорија на нашето прашање – каков им е ставот за иницијативата. Потсетуваат на уставните и законските гаранции за заштита на приватноста, слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација, сигурноста и тајноста на личните податоци, заштита на достоинството и угледот, како и уставната гаранција за неповредливоста на домот.
„Имајќи ја предвид поставената уставно-правна рамка, разгледувањето на вакви иницијативи наметнува потреба од сеопфатна анализа преку интегрален, системски и инклузивен пристап, кој нема да ги изолира техничките од правните аспекти во рамки на поширокиот кривично-правен и безбедносен институционален систем. Техничките перформанси на евентуален систем неопходно е да се разгледуваат не само како технолошки капацитет, туку низ призмата на уставно-правниот поредок, пропорционалноста и демократските контролни механизми, во рамките на општествениот контекст и направените институционални реформи во безбедносниот сектор од кои произлезе и формирањето на Оперативно-техничка агенција (ОТА)“,
велат оттаму.

Потребата од поефикасна заштита на жртвите ја потврдија и експертите што ги консултиравме за оваа сторија. Но, тие повикуваат на внимателност при воведувањето ваков тип мерки.
„Секој механизам којшто овозможува аудио и видео снимање на одредени комуникации има потенцијален ризик од злоупотреба доколку не постојат јасни законски норми и секако силни контролни и надзорни механизми коишто ќе бидат спроведени“,
вели универзитетскиот професор Ице Илијевски.
„Во изминатите три децении, ние секогаш кога МВР ќе излезеше со изјава за користење на телефонски записи, имавме на три пати лоши искуства кои немаа вистински правен исход“,
потенцира судијката Мирјана Лазарова Трајковска.
Врховната судијка Мирјана Лазарова-Трајковска, која беше и уставна и судијка во Стразбур, сака да гледа позитивно на најавените промени. Таа додава дека не се работи за волја, туку за меѓународни обврски во делот на превенцијата и прогонот кога е во прашање родово базираното и семејното насилство. Државата е потписник на Истанбулската конвенција која предвидува превенција, вели таа. Но, тука се и правилата на ЕУ кои дозволуваат користење докази од дигитални алатки, но не без исклучоци.
„Дали органите на прогонот може да користат видео и аудио записи коишто би им помогнале понатаму во постапката, мислам дека треба прво да се уреди законски. Овде не е во прашање само Законот за внатрешни работи и правилата по кои постапува полицијата, во прашање е и Законот за кривична постапка, како би се користеле таквите видео, аудио записи, и притоа мора да се води сметка за приватноста на индивидуата. Такви записи не смеат да се користат за ниедна друга намена освен во контекст на настанот за кој тие се прибрани“,
вели таа.

И универзитетскиот професор по безбедност Ице Илијевски е согласен дека ваков систем би можел да биде значаен инструмент за побрза реакција, токму поради фактот што дел од случаите на семејно насилство остануваат нерешени поради недоволно докази и стравот на жртвата да сведочи. Сепак:
„Теоретски, ваквиот систем може да доведе до прекумерно следење, може да доведе до неовластен пристап до одредени чувствителни податоци, може да имаме снимање на трети лица коишто не се поврзани директно со случајот, па дури и евентуална институционална злоупотреба на овој систем доколку не е строго ограничен и контролиран. И секогаш дополнително постои ризик од протекување на одредени информации, особено овие снимки кога станува збор за вакви интимни или семејни ситуации. Тука мора да истакнам дека доколку се воспоставува ваков систем, треба да се уреди и утврди прецизно кој може да го активира снимањето, кој дава одобрение за да се пристапи нели до камерата, микрофонот и така натаму“,
објаснува тој.

Семејното и родово базираното насилство не се горлив проблем само во Македонија. Дел од земјите веќе развиле таканаречени паметни системи за итни повици – преку строго регулирани апликации, како примерот со „Алерт Капс“ во Шпанија од почетокот на оваа сторија.
„И најважно е дека корисниците на овие апликации треба да дадат дозвола и согласност за да се овозможи, односно апликацијата да има пристап до нивната локација, микрофон и слично, и согласност да се обработуваат, односно да се дадат нивните лични податоци. И тука можеби исто така е важно дека треба да бидат предупредени корисниците дека доколку лажно пријават, бидејќи може овие апликации и да се злоупотребат, дека ќе бидат применети одредби од Кривичниот законик коишто укажуваат за лажно пријавување“,
вели професорот Илијевски.
Сепак и без да се применат нови мерки, државата може да учи од туѓите примери.
„Ние го имаме предметот на ‘Курт против Австрија’, бидејќи во семејно-базираното насилство жртва не е само жената, жртва се и децата околу жената кои многу често настрадуваат, не само физички, туку го имаме и примерот на ‘Талпис против Италија’ кога во семејна кавга, при еден долготраен процес на известување за постоење на семејно насилство, при обид да ја заштити мајката – настрадува синот. Имаме рамка, имаме пракса на Европскиот суд за човекови права, та дури и да не се имплементира една ваква нова мерка на прибирање на докази, обврските на институциите да ги заштитат жртвите остануваат, бидејќи тоа е составен дел на позитивните обврски. И како еден од најважните сегменти во овој дел, во овој момент не ќе е само легислативната измена. Недостасува тренинг, недостасува обука, недостасува пристап“,
порачува судијката Лазарова-Трајковска.
„Големото уво“, „Таргет тврдина“ – се афери кои оставија длабоки рани во младата и кревка македонска демократија. Тие болат поинаку од раните на жртвите на семејното насилство, но со идеите за употреба на современа технологија и снимање за заштита на жртвите, меѓусебно се испреплетуваат. За да се лечат едните, мора да се води сметка да не се продлабочат другите.
