Врховниот суд соопшти дека го одбил како неосновано барањето на бизнисменот Сеад Кочан за вонредно преиспитување на пресудата за предметот „Труст“ на СЈО и ја потврди одлуката на Апелацискиот суд со која тој е осуден на 4 години и 8 месеци затвор.
„Врховниот суд ја информира јавноста дека на 23 септември 2020 година одлучи по предметот кој е оформен по барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од бранителите на осудениот Сеад Кочан од Скопје. Со донесената пресуда Врховниот суд на Република Северна Македонија поднесените барања на осудениот ги одби како неосновани и ја потврди пресудата на Апелацискиот суд Скопје“,
соопштија од Врховен.
Кочан во предметот е осуден за лажирање документација за учество на тендер на државната компанија ЕЛЕМ (сега ЕСМ) во вредност од 17 милиони евра за ископување јаловина и јаглен од рудникот „Суводол“ во Битола.
Во предметот на СЈО со Кочан беа обвинети и Василие Авировиќ и Сафет Ветиќ, како и две фирми („Трансмет“ и „Силекс неметали“).
Со првостепената пресуда од Кривичниот суд, Кочан доби 6 години затвор, а Авировиќ 3. Ветиќ, пак, беше ослободен. Потоа, Апелација одлучуваше за жалби и реши да ги намали казните. На Кочан му одреди 4 години и 8 месеци затвор, а тригодишната затворска казна за Авировиќ ја преиначи во две години условна казна кои нема да се извршат ако во наредните 5 години не стори ново кривично дело. Останатиот дел до пресудата на првостепениот суд, Апелација го потврди во целост.
Пресудата на Апелација стана правосилна и Кочан лани на 31 август беше спроведен на издржување на затворската казна во „Идризово“. Во меѓувреме тој поднесе барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување за кое во овој суд одлучувале вчера и како што соопштија денеска, тоа е одбиено како неосновано.