Според УХМР, во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно и ќе дува умерен до засилен северен ветер

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Според прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во одредени делови од земјата ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Во текот на денот ќе дува и слаб до умерен ветер од променлив правец. Утринската температура ќе биде од шест до 11 Целзиусови степени, а дневната од 14 до 23 степени.
И во Скопје времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови во делови од котлината ќе има повремен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува и слаб до умерен ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи од 10 степени наутро до 23 во текот на денот.
За утре се прогнозира променливо облачно време со сончеви периоди. Во јужните делови од земјата ќе има услови за краткотраен локален дожд, а ќе дува и умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура утре ќе се биде во интервал од 17 до 25 степени.
Според УХМР, во деновите од викендот времето ќе биде претежно стабилно и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Од понеделник повторно се очекуваат локални врнежи од дожд со изолирана појава на грмежи.
