Според Управата за хидрометеоролошки работи, променливото време ќе се задржи до крајот на оваа седмица, а поинтензивни процеси изразени во форма на невреме се очекуваат во четврток и во сабота
Времето во земјава денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, се вели во прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи(УХМР). Ќе дува засилен до силен ветер од западен правец, кој во западните делови повремено ќе надминува брзина од 60 километри на час.

Утринската температура ќе се движи во интервал од 10 до 16 Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од 20 до 32 степени.
Во Скопје, според синоптичарите, денеска ќе преовладува слично време, променливо облачно со сончеви периоди, а попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до 30 Целзиусови степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, променливото време ќе се задржи до крајот на оваа седмица, при што претпладне ќе биде облачно со сончеви периоди, додека попладне наместа ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен дожд, силен ветер и услови за појава на град. Особено нестабилно се очекува да биде во четврток и во сабота.
