УХМР најавува дестабилизација на времето која ќе трае до петок, кога се очекува значително заладување и обилни врнежи од дожд
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска најавува сончево и исклучително топло време со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови се очекува локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град, а ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северозападен правец, додека температурата ќе се движи во интервал од 12 до 37 степени.
Слично време се очекува и во Скопје, каде претпладнето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност, но попладне во делови од скопската котлина ќе има појава на дестабилизација со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурата во главниот град ќе се движи од 16 до 35 степени.
Според најавите на синоптичарите, во следните неколку дена нашето подрачје ќе биде под влијание на серија влажни и нестабилни воздушни маси. До петок ќе преовладува променливо облачно време, наместа со пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме придружено со силен ветер и изолирана појава на град. Во петок се очекуваат пообилни врнежи од дожд, но и значително опаѓање на дневните температури поради продор на постудена воздушна маса од север.
