Од 10 часот утрово, со еден час пауза, обвинителката Ивана Трајчева ги презентира материјалните докази во случајот „Рекет“ против Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева.
Најголем дел од времето помина во читање на брендираната облека на Боки 13 која била запалената – вкупно 71 вреќа. Исто така, одземени биле уметнички слики, перници, лустери, телевизори итн.
Овие докази обвинителството ги приложува за да го докаже кривичното дело перење пари, а откако беа прочитани на екраните во судница беа прикажани и фотографии од домот на Боки во Орман кои биле направени при претресите во секоја од просториите. Така, преку фотографиите присутните во судницата можеа да ѕирнат во луксузно уредениот дом на Јовановски и на нив можеше да се видат гардеробери полни со облека, уметничките фотографии, чевли, влечки, сандали, чанти, очила… Секое парче облека истражителите посебно го фотографирале, како и етикетите за да се види од кои брендови се и да се документира што се предава на чување.
Гардеробата спакувана во црни вреќи со камион била однесена на чување во Агенцијата за управување со привремено одземен имот. Беа прикажи и фотографии од натоварен камион, а Јовановски, пак, во неколку наврати бараше обвинителката да ги објаснува фотографиите, како и да се врати некоја фотографија за да се види подобро што има на неа.

„Што се црните вреќи, дали има ѓубре?”, праша во еден момент Јовановски барајќи обвинителката Трајчева да ги објаснува фотографиите.
Судијката Васка Николовска Масевска неколку пати го предупредуваше да не коментира, а во еден момент и му врати: „Вие подобро знаете што е на сликите, ваши се работите“.
Освен од домот на Боки, обвинителката читаше и што е одземено и од домот на неговите родители, од Зоран Милески-Кичеец, како и од Катица Јанева кај која беа запленети фамозната гарнитура, двете фотелји, клуб-масичка, чанта „луј витон“, лаптопи, мобилни телефони итн.
Меѓу материјалните докази на Обвинителството се и снимките од „Ла Верита“ и разговори снимени со ПИ-мерки, но тие ќе се презентираат на наредните рочишта.
Следното рочиште е закажано за утре.