Шефот на Пентагон, на своето прво патување во странство откако беше потврден на функцијата, на состанокот со сојузниците на Украина во седиштето на НАТО во Брисел денеска изјави дека Вашингтон нема да распореди војници во Украина според ниту мировен договор што бил договорен и дека Белата куќа не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението на конфликтот
Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Пит Хегсет, вели дека е нереално да се очекува дека границите на Украина ќе останат исти како пред војната со Русија, пренесуваат светските медиуми.
Изјавата на Хегсет доаѓа по онаа на украинскиот претседател Володимир Зеленски кој деновиве во интервју за „Гардијан“ рече дека Киев може да ѝ понуди на Москва територија заземена од украинските сили во рускиот регион Курск во замена за украинската територија окупирана од Русија, во рамките на евентуални преговори за ставање крај на конфликтот.
Шефот на Пентагон, на своето прво патување во странство откако беше потврден на функцијата, на состанокот со сојузниците седиштето на НАТО во Брисел денеска изјави дека Вашингтон нема да распореди војници во Украина според ниту еден мировен договор што би бил договорен и дека Белата куќа не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението на конфликтот.
Тој додал дека американските сили нема да бидат дел од какви било безбедносни гаранции при евентуален мировен договор.
„Ние сакаме, како и вие, суверена и просперитетна Украина. Но, мора да почнеме со признанието дека враќањето на границите на Украина од 2014 година е нереална цел“,
рекол Хегсет, во досега најдиректната јавна изјава од американски функционер за тоа како претседателот Доналд Трамп планира да пристапи во решавање на речиси тригодишната војна.
Коментарите на Хегсет дојдоа откако Зеленски во интервју за „Гардијан рече дека Украина е подготвена да „размени една територија за друга“, иако тој не знае каква територија Киев ќе побара од Москва во замена за дел од регионот Курск кој моментално е под контрола на украинските сили.
„Не знам, ќе видиме. Но, сите наши територии се важни, тука нема приоритети“,
рече Зеленски во интервјуто објавено на 11 февруари.
Инаку, Киев досега одбиваше да се откаже од каква било територија што Русија ја зазеде од почетокот на нејзината инвазија во 2022 година.
Прашан за коментарите на Зеленски, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека таков потег е „невозможен“.
„Русија никогаш не разговарала и нема да разговара за размена на нејзина територија“,
рече Песков.
Зеленски, кој в петок (14 февруари) треба да се сретне со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и други американски претставници на безбедносната конференција во Минхен, вели дека е подготвен за сериозни преговори.
Украинскиот претседател вели дека има намера да им претстави „подетален план“ на претставниците на администрацијата на Трамп за реките минерали кои се дел од природните ресурси на земјата, како и други можности за американските компании при реконструкцијата на повоена Украина.
Тој исто така рече дека за безбедноста на Украина е клучно да продолжи американската воена поддршка.
„Безбедносните гаранции без Америка не се вистински безбедносни гаранции“,
рече тој, повторно повикувајќи дека на Украина и се потребни повеќе американски системи за воздушна одбрана од типот „Патриот“.