Фокусот за време на состанокот бил ставен на практичните и технички аспекти за враќање на пациентите кои успешно ја завршиле фазата на болничко лекување, како и на нивните семејства, со цел навремено и координирано завршување на процесот
Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска се одржал координативен состанок со цел организација на процесот на враќање на повредените од пожарот во Кочани кои се на лекување во странство.

На состанокот присуствувале шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, министерот за здравство Арбен Таравари, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, директорот на ФЗО, Сашо Клековски, како и претставници на сите надлежни институции.
Фокусот за време на состанокот бил ставен на практичните и технички аспекти за враќање на пациентите кои успешно ја завршиле фазата на болничко лекување, како и на нивните семејства, со цел, како што велат од МНР, процесот да биде реализиран навремено и координирано.
„Меѓуресорската координација ќе продолжи и во наредниот период, при што внимателно ќе се следи состојбата на пациентите, а институциите, како и досега, ќе постапуваат усогласено и одговорно. Јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни активности“,
соопштија од МНР по состанокот.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, претходно денеска изјави дека в понеделник се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство, што, според него, најверојатно ќе се случи во втората половина на претстојната недела. На изработка на планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман на пациентите, како што рече, помагаат тимови од Израел и Британија.