Вработените во Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за културно наследство најавија дека протестите ќе продолжат и од понеделник и најавуваат дека нема да се откажат сè до прифаќање на нивните барања

По три недели протести, вработените во Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за културно наследство денеска остварија средба со министерот за финансии Фатмир Бесими. Но, на средбата не е изнајдено заедничко решение.
Од Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството за култура велат дека на средбата ги кажале своите барања, а тоа е потпишување на Колективен договор и покачување на платите по принципот на Министерството за финансии, односно да добијат зголемена плата во износ од 30 отсто.
По денешната неуспешна средба, за да ги исполнат своите барања, вработените во Министерството за култура, Агенцијата за филм и Управата за културно наследство најавија дека протестите ќе продолжат и од понеделник и најавуваат дека нема да се откажат сè до прифаќање на нивните барања.
Вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм веќе трета недела по ред излегуваат на протест на кој го повторуваат своето барање за достоинствени плати и бараа прием кај надлежните.
Според Синдикалната организација на УПОЗ при Министерството, културата останува на маргините.