Утре во 8 часот раководствата на синдикатите ќе бидат пред Градот Скопје каде што ќе побараат средба со градоначалничката, како и исплата на јулската плата. Ако тоа не се случи во утрешниот ден, веќе в петок гладните вработени повторно ќе излезат на протест, велат од еден од трите репрезентативни синдикати во ЈСП
Доколку утре не биде исплатена јулската плата, веќе в петок вработените во ЈСП ќе излезат на протест, вели Миќо Стојановски, претседател на еден од трите репрезентативни синдикати во ЈСП.
„Проблемот со редовна исплата на платите продолжува и станува болно и бенигно и за вработените во ЈСП и нивните семејства, а и за граѓаните во Градот Скопје. Утре во 8 часот раководствата на синдикатите ќе бидат пред Градот Скопје каде ќе побараат средба со градоначалничката, како и исплата на јулската плата. Ако тоа не се случи во утрешниот ден, веќе во петок гладните вработени повторно ќе излезат на протест“,
вели Стојановски за МИА.
Според него, вработените ги извршуваат сите работни задачи согласно закон и акти на претпријатието и додава дека повеќе не можат да ја издржат нередовната исплата на плати.
„Во фирмата останавме само 1 100 вработени, многу ја напуштија поради нередовните плати и нискиот личен доход, така што ќе мораме да го направиме ова што претходно ви го кажав. Тоа е единствениот начин да се избориме за своите права од работен однос и редовен личен доход. Два дена се влечеме во Градот Скопје да ни објаснат зошто нема плата“,
додава Стојановски.
Стојановски информира дека во буџетот за 2023 година било договорено дека ќе има доволно средства за плати, субвенции и други дотации, но, како што вели, останале излажани.
Вработените во ЈСП, во октомври минатата година по првпат ги оставија скопјани без јавен превоз откако решија да протестираат поради неисплатени плати. По два дена, автобусите на ЈСП беа вратени на улиците откако Градот обезбеди плата за вработените. Советот на Скопје донесе одлука за пренамена на средства за исплата на плати за вработените.
Градоначалничката Данела Арсовска изјави дека парите што се пренаменети за плати се замена за парите што на јавното претпријатие му ги должат Владата, односно Министерството за образование и општините и ги повика во најкус можен рок да ги исплатат.