Хигиеничарка вработена во домот за геријатрија во Ѓорче Петров е позитивна на ковид-19, информираше министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција.
„По укажувањето дека има симптоми направен е тест и нејзиниот тест е позитивен. Направена е епидемиолошка анкета во однос на контактите и на дел од нејзините колеги веќе им е препорачана самоизолација“,
порача Филипче.
Посочувајќи ги домовите за стари лица како едни од местата каде е најопасно ширењето на ковид-19, Филипче најави дека во сите домови за стари лица ќе започне серолошко тестирање.
„Имајќи предвид дека домовите за стари лица се едни од местата каде навистина треба да се пристапи со особена внимателност затоа што тие лица се со хронични болести, веројатно од следната недела ќе почнеме со серолошко тестирање на сите лица сместени во домовите за стари лица“,
изјави Филипче.