Серијата земјотреси што се случија во текот на вчерашниот ден во Маврово и Ростуше ги вознемири тамошните жители и дел од нив неколку часа во текот на ноќта престојувале во нивните автомобили или на отворено.
Од општината Маврово и Ростуше велат дека засега не се пријавени материјални штети.
„Во текот на вчерашниот ден, беа регистрирани три поголеми и неколку помали земјотреси на целата територија на општината Маврово и Ростуше и околните општини. Сето тоа предизвика вознемиреност кај населението при што мал дел останаа неколку часа во своите автомобили или на отворено. Во договор и комуникација со полицијата беа пропуштени 26 возила со патници, жители на други општини кои биле во своите викендички во мавровскиот регион“,
велат од Општината.
Јавното комунално претпријатие „Маврово“ даде известување дека поради заматување на изворите, водата во селата од мавровскиот регион не се препорачува за пиење.
„Поради силните земјотреси во Мавровскиот регион кои предизвикаа заматување на водата,препорачуваме водата да не се користи за пиење“,
информираат тие.
Во 22:17 часот, вчера е регистриран земјотрес со интензитет од 4,7 степени според Рихтеровата скала. Според Европско-медитеранскиот сезимолошки центар, земјотресот бил на длабочина од 10 километри под површината на земјата, со епицентар на 18 километри југозападно од Гостивар.
Претходно, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека нејзината телеметриската сеизмолошка мрежа вечерва во 20 часот и 40 минути, регистрирала земјотрес со епицентар на 50 километри југозападно од Скопје.
Земјотресот беше со локална Рихтерова магнитуда од 3,0 степени. Според досегашните податоци земјотресот беше почувствуван од населението во Дебар, Гостивар, Кичево и Маврово со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.