Професионалните војници со навршени 45 години, меѓу останатите опции, ќе имаат можност да се префрлат во територијалните противпожарни единици и да работат како пожарникари-спасители.
Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ денеска на прес-конференција соопшти дека Министерството за одбрана работи на спроведување на законската обврска околу грижата за професионалните војници кои со навршени 45 години возраст ја напуштаат Армијата.
„Од денеска отвораме нова можност за нашите досегашни колеги со трансфер во противпожарната дејност во Републиката. Со оваа опција, го зајакнуваме составот на противпожарните територијални единици во Републиката со високопрофесионален, подготвен кадар, а од друга страна им обезбедуваме продолжување на работен ангажман на нашите колеги до остварување услови за пензија, со што нивното егзистенцијално прашање е затворено“,
истакна Николиќ.
Тој рече дека веќе 16 поранешни професионални војници својата кариера ја продолжуваат како пожарникари, од кои осум во Скопје, пет лица стануваат пожарникари во Кичево, а тројца од нив во општина Валандово.
Државниот секретар информираше дека паралелно со новата можност се реализира и трансферот на професионалните војници и во други органи на државната и локалната власт согласно законот и потребите.
„Во моментот се реализира преземање на професионалните војници и во Управата за извршување на санкции, на работни места затворски надзорници во неколку казнено-поправни установи во Републиката и тоа во Идризово, Штип, Куманово, Велес. Во тек е и административна постапка за преземање на нашите колеги во судовите низ државата, на работни места припадници на судска полиција“,
појасни Николиќ.
Согласно годишниот план за 2021 година за преземање и прераспределување на поранешните професионални војници со наполнети 45 години возраст, Николиќ рече дека дел од нив остануваат и како цивилни лица на служба во Армијата, но и дека се водат разговори и со други институции за отворање нови можности за нивниот трансфер.