Советникот превидува дека е можно и „целосно лудо“ сценарио во кое Путин би испратил регрути на терен откако Русија ќе им спроведе едномесечна обука. Советникот оценува дека дури и да се постигне договор за мир, мали судири помеѓу двете страни би можеле да бидат присутни и во период од една година
Војната во Украина треба да заврши до мај, бидејќи Русија ќе остане без ресурси за продолжување на инвазијата, тврди советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.
Повикувајќи се на видео објавено од неколку украински медиуми, Ројтерс пренесува дека Арестович вели дека точниот момент ќе зависи од тоа колку пари Кремљ е подготвен да посвети на воената кампања.
„Мислам дека треба да имаме мировен договор најдоцна во мај, на почетокот на мај, можеби многу порано, ќе видиме, зборувам за најновите можни датуми. Сега сме на крстопат: или ќе се постигне мировен договор многу брзо, во рок од една или две недели, со повлекување на војниците и сè друго, или ќе се обидат да донесат некои, да речеме Сиријци за вториот круг и, кога и нив ќе ги сомелеме, ќе се постигне договор, било да е тоа до средината на април или крајот на април“,
рече Арестович.
Тој вели дека има и „целосно лудо“ сценарио кое значи Русија да испрати нови регрути на терен откако ќе им спроведе обука еден месец.
„Сепак, дури и кога ќе се постигне договор за мир, малите тактички судири би може да останат присутни една година“,
вели Арестович.
Инвазијата на Украина од страна на Русија започна на 24 февруари која рускиот претседател ја најави како „специјална воена операција“. Во меѓувреме, Киев и Москва имаа неколку рунди преговори кои досега не дадоа конкретни големи резултати освен воспоставување неколку хуманитарни коридори за евакуација на цивилите.
Преговорите, како што синоќа потврди и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, треба да продолжат денеска.
Зеленски наведе дека украинската делегација вчера „завршила добра работа“, без да наведе детали.
Тој повторно им се обрати и на руските војници, повикувајќи ги да престанат со борбите, истакнувајќи оти „им нуди шанса да преживеат“.