Аеродром, пак, е најмногуброен, а има и најмногу станови. Оваа заедно со Чаир се општините и со најмногу младо население. Карпош, Центар, Битола, Прилеп и Велес, пак, се местата каде што има најмногу жители со над 85 години
Во Северна Македонија има вкупно 1 781 населено место, а 205 се празни, покажува последниот сет објавени податоци од пописот спроведен во 2021 година од Државниот завод за статистика (ДЗС).
Населено место со најголем број на жители е Скопје – 526 502. Во Општина Аеродром има најмногу жители – 75 108, а по неа следуваат градовите: Куманово со 75 051 жител, Битола со 69 287 жители, Прилеп со 63 308 жители, Тетово со 63 176 жители итн.
Од друга страна, 684 населени места се со помалку од 100 жители, додека 218 населени места се со помалку од 10 жители.
Во однос на други параметри, Аеродром предничи и по бројот на домаќинства и по бројот на станови.
„Според бројот на домаќинства, најмногу домаќинства има во населеното место Скопје – Аеродром – 27 026, па следуваат градовите: Битола со 24 974, Куманово со 23 451, Прилеп со 22 763, Тетово со 17 948, а во 381 населено место има 10 и помалку домаќинства. Најмногу станови има во населеното место Скопје – Аеродром – 34 415, а во 116 населени места има помалку од 10 стана“,
соопштија од ДЗС.
Според тоа каде има најмногу младо население на возраст од 0 до 14 години, пак, на прво место се Чаир и Аеродром, а тука се и градовите Куманово и Тетово.
Општини со најмногу старо население на возраст од 85 години и повеќе, пак, се Карпош и Центар во Скопје, а потоа Битола, Прилеп, Велес и Охрид.