Во време на ковид-19, кога Италија сè уште се соочува со големи предизвици во здравствените институции, во Универзитетската болница „Агостино Џемели“ во Рим успешно е извршена исклучително тешка хируршка интервенција на жолчен канал.
Операцијата е направена со нов иновативен метод со употреба на магнети, од мултидисциплинарен тим на ендоскописти и интервентни радиолози, координирани од професорот Гвидо Костамања.

Во тимот, чиј револуционерен подвиг денеска го слави Италија, е и докторот по потекло од Македонија, Иво Бошкоски.
Д-р Бошкоски е признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки, кој работи на Католичкиот универзитет во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим. Тој е родум од Тетово, а неодамна во интервју за „360 степени“ зборуваше за ситуацијата со ковид-19 во Италија.
Хируршката интервенција била направена на пациент со тешка клиничка слика, кај кого веќе биле направени две трансплантации на црниот дроб.

Со новиот иновативен метод со користење магнети, лекарите од тимот на професорот Костамања успеале повторно да го отворат комплетно затворениот жолчен канал. Тежината на овој зафат е и во тоа што за лекарите немало надеж за друг вид хируршка интервенција, бидејќи ризикот бил преголем.


Двата мали магнети биле така поставени што се привлекувале еден со друг и го отвориле жолчниот канал со што им се овозможило на лекарите да ја изведат интервенцијата во целост.

Италија е една од земјите што најсилно ги погоди пандемијата од ковид-19, но и во такви услови лекарите го даваат максимумот за пациентите да можат да ги добијат и останатите здравствените услуги.
„Во вакви услови мора да се грижиме за итните случаи, особено за пациентите со карцином. Имаме две ендоскопски простории, едната во ‘Џемели’, а другата е во болницата ‘Колумбос ковид 2’, која е ексклузивно посветена на пациенти со коронавирус. Се третираат со максимално обезбедени мерки за заштита и голема претпазливост на личната хигиена и постојано дезинфицирање на инструментите“,
вели професорот Костамања.
Италија е првата од земјите во Европа и САД, што успешно реалзирала ваков потфат и тоа во време на пандемија од ковид-19. Досега само во Кина, Јапонија и Јужна Кореја се направени неколку слични интервенции.