Италија, со околу 160 илјади заразени и 20 илјади починати, е една од најпогодените држави во актуелната криза. Големиот број болни ги блокираа болниците и го доведоа пред колапс еден од најдобрите здравствени системи во светот.
Преку видеоврска од Рим, во интервју за „360 степени“ зборуваше доктор Иво Бошкоски, признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки, кој работи на Католичкиот универзитет во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим. Тој е родум од Тетово.
Тој кажа дека е во контакт со македонските здравствени власти и даде пофалба за тоа што е направено во нашата држава.
„Тоа што е затворено во Македонија во моментов, што има полициски час, е единствено нешто што може да функционира моментално за да се намали пренесувањето на вирусот. Навистина, луѓето умираат за 10 минути. Тоа е премногу. Имате ситуации кај што буквално до пред секунда пациентот е добар, го гледате, за секунда се дестабилизира, и тоа за еден доктор е навистина нешто незамисливо, да бидеш беспомошен. Не можете ништо да направите за тој пациент, а знаеш – има 40 години, има деца, треба да му го спасите животот, а сте немоќни. Оставате буквално една цела фамилија на улица. Што значи, подобро е да имате затворени улици, отколку затворени семејства. Тоа што го прави Владата во Македонија мислам дека е единствено нешто што може да функционира, оти немаме вакцина, немаме соодветни лекарства, коишто сигурно би биле ефикасни. Тоа е мојата порака. Вирусот не гледа ни националност, ни политичка определеност. Во моментов треба да сфатите дека станува збор за воена економија, за вонредна состојба и единствено нешто што секој поединец може да го направи, од каква било религија, од каква било национална припадност, симпатизер на која било политичка партија, е да ги слуша препораките и да биде совесен граѓанин и да придонесе“,
вели Бошкоски.
Тој го кажа и својот семеен пример, каде што тие како семејство се затворени, само тој оди на работа, а со родителите на неговата сопруга се немаат видено од почетокот на март.
Во интервјуто Бошкоски зборува и за ситуацијата во Италија на средината на март, кога болниците не можеа да ги примат сите пациенти, но и за сегашното стабилизирање на состојбата, односно, како што вели, сега се гледаат резултатите од комплетното затворање на Италија.
Бошкоски во интервјуто вели дека веројатно вирусот се ширел во Италија и во Европа од крајот на декември или почетокот на јануари.