Амбасадорот на Шпанија утре во Вашингтон ќе го предаде оригиналот од документот за ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, потоа Стејт департментот ќе ги извести сите сојузници и седиштето на НАТО дека ратификацијата завршила во сите земји членки.
Процедурата предвидува потоа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да испрати писмо македонските власти во седиштето на НАТО во Брисел да го депонираат Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.
Со тоа, земјава и формално ќе стане членка на Алијансата.
*Поврзана вест: Спасовски: Членството во НАТО е остварување на стремежот на сите генерации
Ваквата процедура денеска ја повтори министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој заедно со неговите колеги од Владата, Радмила Шекеринска и Бујар Османи, како и премиерот Оливер Спасовски, на прес-конференција го одбележа вчерашното ратификување на нашето членство во НАТО од страна на Шпанија.
„Ќе покажеме дека можеме да бидеме достојна земја членка која заедно ќе го носи товарот и ќе учествува во бенефициите на нашето членство“,
рече Димитров.
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, пак, порача дека овој успех треба да ни даде оптимизам и сила да се справиме со актуелната ситуација со коронавирусот.
Таа посочи дека членството во НАТО помогнало и во оваа ситуација давајќи пример дека кога Алијансата дала препораки за своите вработени, таков чекор направила и Владата во земјава, додека таква препорака во тој момент немало во државите од регионот.
Шекеринска посебна честитка за членството упати до припадниците на Армијата, но и до Алијансата зашто добила 30-та членка.
„Додека другите одолговлекуваа, ние решававме. Додека другите зборуваа ние работевме, додека се правда, ние носевме одлуки. Во овие две и пол години поминавме низ минско поле“,
рече министерката.
Вицепремиерот за економски прашања Бујар Османи рече дека актуелната состојба со коронавирусот не дозволува да се прослави заслуженото членство, но порача дека од друга страна, пак, тоа е добредојдено во вакви моменти.
Османи рече дека се наоѓаме и пред нов успех во врска со добивањето на датумот за преговори. Потсетувајќи дека за следната недела е закажат состанок во ЕУ, рече дека сите сигнали и пораки во моментов говорат дека земјите членки на Унијата немаат никакви забелешки за носењето на одлука за датум.