Премиерот Оливер Спасовски денеска соопшти дека со вчерашната ратификација на Протоколот за наше членство во НАТО од Шпанија, Македонија станува 30. членка на Алијансата.
„Сите наши партнери, сојузници, сите 29 земји членки на НАТО и формално ја прифатија РСМ за 30. земја членка. Овој чин заслужува честитки дури и во овие денови на сериозни и тешки предизвици. Ова е голем успех за нашата генерација во име на сите претходни и во име на идните поколенија“,
порача премиерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата во Владата со вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Спасовски потсети дека вчера Сенатот на Шпанија го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, а веднаш потоа кралот Фелипе го потпиша ратификацискиот документ кој ќе биде депониран во Стејт департментот во Вашингтон. Веднаш потоа, како што рече, ние ќе добиеме информација од седиштето на НАТО во Брисел дека сите ратификации се депонирани и дека може и ние да ја доставиме нашата ратификација
„Тоа и официјално ќе стави печат на нашето полноправно членство во НАТО. Република Северна Македонија е 30. членка на НАТО. Денеска со полно право можете да бидете горди“, рече Спасовски.
Тој додаде дека членството на нашата земја во НАТО е реализација на стремежите на сите генерации политичари од различни партии и на сите граѓани од независноста до денес, исполнување на стратегиска цел, имплементација на суверена одлука за која има апсолутен натпартиски и меѓуетнички консензус.