Националната здравствена служба вчера објави фрапантна статистика дека на секои 30 секунди по едно лице е хоспитализирано поради компликации од ковид-19
Велика Британија во просек вакцинира по 140 лица во минута, соопшти Надим Захави, министер одговорен за дистрибуција на вакцините против ковид.
„Оди добро, вакцинираме просечно по 140 луѓе, ова е прва доза, буквално во минута. Тоа е просек, но во некои области е подобро“,
изјави Захави за Скај њуз.
Најновите податоци покажуваат дека Велика Британија вакцинирала 3 857 266 лица со првата доза и 449 736 со втората доза од вакцината.
„Ќе го видите ова подобрување откако ќе отвориме повеќе големи центри за вакцинација, вкупно 17 оваа недела и 50 до крајот на месецот“,
нагласи министерот.
Според него, во некои области повеќето од Британците постари од 80 години се вакцинирани, а потоа следуваат оние над 70 години со болести.
Захави, исто така, рече дека на крајот на месецот во Лондон ќе почне пилот-проект за 24-часовно вакцинирање. Наставници, полицајци и продавачи може да бидат следни што ќе бидат вакцинирани по лицата над 50-годишна возраст.
Велика Британија во моментов ги вакцинира оние во домовите за стари лица и оние над 80-годишна возраст.
Извршниот директор на Националната здравствена служба на Велика Британија (НХС), Симон Стивенс, вчера изјави дека болниците и медицинските работници во земја се под огромен притисок поради растечкиот број на лица со компликации од коронавирусот.
Тој соопшти фрапантна статистика дека на секои 30 секунди по едно лице е хоспитализирано поради компликации од ковид-19.