Контингент од 30 000 дози на кинеската вакцина на „Синофарм“ денеска пристигна во Црна Гора, а го пречекаа министерката за здравство Јелена Боровиниќ-Бојовиќ и кинескиот амбасадор во Црна Гора, Лиу Џин.
Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ рече дека е потребно сите да бидат свесни за важноста од почитување на епидемиолошките мерки, со цел успешно надминување на проблемите предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Инаку, досега во Црна Гора пристигнаа 2 000 руски вакцини како донација од Србија, додека од Русија се набавени уште 5 000 дози.
Во првите пет приоритетни категории за вакцинација против коронавирус има 110 илјади луѓе, објавено е на веб-страницата covidodgovor.me.
Поради лошата епидемиолошка состојба, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ вчера побара затворање на границите и забрзана имунизација, исто како и експертите од Институтот за јавно здравје.