По прашање од „360 степени“, од Министерството за здравство утврдиле дека е направена грешка во статистиката објавена на 1 мај, кога известиле за 69 оздравени пациенти, но во бројките по градови објавиле 67 пациенти
Директорката на Инспекторатот вели дека иако инспекторите не нашле индиции за понатамошно постапување, семејството на пациентот може да достави барање за вонреден инспекциски надзор и таа го повикува да стапат во контакт со неа
Министерството за здравство се коригира по упатените прашања од „360 степени“ за тоа зошто во статистиката на оздравени пациенти од ковид-19 го нема момчето од Кичево, чие семејство е известено дека има четири негативни тестови, а Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), сепак, го водеше како пациент со еден позитивен тест.
„360 степени“ објави серија текстови за овој случај и сè уште го следи развојот на темата. Момчето на 30 април, по двонеделен престој во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, беше пуштено дома. Но, ако институциите го воделе како ковид-позитивен, се наметна прашањето зошто Министерството за здравство го нема во статистиките на оздравените пациенти.
„Грешката е направена во објавената статистика на 1 мај. Ние известивме дека се оздравени 69 пациенти, но во бројките по градови сме објавиле 67 пациенти. По упатеното прашање ја лоциравме грешката, а тоа е дека тој ден, по градови не сме внеле двајца оздравени пациенти, тоа се пациенти од Кичево и од Виница“,
велат од Министерството за здравство.
Сè уште е нејасно зошто семејството на пациентот е известено дека четирите тестови на ковид-19 направени во период од 7 до 17 април се негативни, а подоцна во Институтот за јавно здравје стои дека вториот тест од брисот земен на 12 април во болницата во Охрид е позитивен. Ден подоцна, за неполни 24 часа, брисот земен во ГОБ „8 Септември“ покажува дека момчето е негативно на ковид-19. Уште еден тест на 17 април покажува дека тој е негативен.
За овој случај Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши увид, но рекоа дека не нашле индиции за понатамошни постапки.
Директорката на ДСЗИ, Ирина Сотирова Бухова, за „360 степени“ рече дека, иако инспекторите не нашле индиции за понатамошно постапување, семејството на пациентот може да достави до нив барање за вонреден инспекциски надзор и ги повика да стапат во контакт со неа.
„Ние не смееме да ви дадеме вам детали од тоа што е утврдено во надзорот, тоа не ни го дозволува законот, бидејќи станува збор за заштита на податоци на пациентите. Семејството може да поднесе барање до нас за да се изврши вонреден инспекциски надзор и ги повикувам да го сторат тоа“,
ни рече Сотирова-Бухова во телефонски разговор.