Тој му го пресекол патот на мотоциклистот Никола Макрачевски, кој почина на самото место од тешките телесни повреди, а во несреќата уште еден возач е повреден
Осомничениот, наместо да им укаже помош на повредените, по несреќата го напуштил местото, велат од ОЈО Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во скратена постапка го гони 46-годишниот возач од Арачиново кој учествуваше во сообраќајката кај Радишани во која загина мотоциклист, а не пружил помош на самото место.
Оттаму велат дека осомничениот кој возел „сеат алтеа“, на крстосницата со улица „18”, на која сообраќајот не е регулиран со знаци, свртел во лево без да ги пропушти возилата кои доаѓале од спротивна насока. На тој начин му го пресекол патот на мотоцикл „кавасаки” кој од спротивната страна на крстосницата го задржувал правецот на движење.
„За да избегне директен судир со автомобилот, мотоциклистот отишол во лево, преминувајќи на коловозната лента наменета за движење возила во спротивна насока. Но, таму со предниот дел од моторот удрил директно во автомобил ‘алфа ромео’ кој доаѓал од спротивната страна. Од силата на ударот мотоциклистот Никола Макрачевски излетал, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а полесно бил повреден и возачот на автомобилот ‘алфа ромео’. Осомничениот, наместо да им укаже помош на повредените, по несреќата го напуштил местото“,
велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека јавниот обвинител предложи на осомничениот да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавува во судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.
Вчера и полицијата соопшти дека по увидот и обезбедениот видеозапис од местото, дојдено е до сознание дека во предизвикување на несреќата меѓу патничко возило „алфа ромео“ и мотоцикл „кавасаки“ учествувало и трето возило.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починал младиот мотоциклист, а по наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција. На другиот возач во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ му биле констатирани телесни повреди.
