Како што се вели во соопштението на МВР, по повод празникот Велигден ќе се воведе посебен сообраќаен режим за одредени сообраќајници во централното градско подрачје во Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром
Поради одржување на манифестација по повод годишнинатата од смртта на револуционерот Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје и по повод одржување верски обреди за верскиот празник Велигден, утре во Скопје сообраќајот ќе се одвива со посебен режим.
Министерството за внатрешни работи информира дека утре поради одржување манифестација по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во црквата „Свети Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим во сообраќајот, односно по потреба ќе биде затворена улицата „Самоилова“ на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“.

Како што се вели во соопштението на МВР, по повод празникот Велигден ќе се воведе посебен сообраќаен режим за одредени сообраќајници во централното градско подрачје во Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
„Утре во периодот од 18 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Велигден во центарот на градот по потреба ќе бидат затворени булеварот ‘Партизански одреди‘ од крстосницата со улицата ‘Франклин Рузвелт‘ до крстосницата со булевар ‘ВМРО‘. Булеварот ‘Климент Охридски‘ од крстосницата со булевар ‘Илинден‘ до крстосницата со улицата ‘Димитрие Чуповски‘. На возилата од јавниот градски превоз кои поминуваат преку мостот ‘Гоце Делчев‘ по потреба ќе им се менува трасата на движење, со што ќе се движат по булеварот ‘Илинден‘. Автобусите кои поминуваат низ централното подрачје на градот ќе се движат по улицата ‘Митрополит Гологанов‘, а преку ‘Франклин Рузвелт‘ ќе се вклучат на булеварот ‘Партизански одреди‘“,
се вели во соопштението од МВР.
Во спротивна насока, пак, автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Како што се наведува во соопштението од МВР, во општината Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвора ул. „Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“, на потегот од крстосницата со бул. „Партизански одреди“ до ул. „Ѓорче Петров“.
Во општината Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче. Исто така, по потреба, за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.