Повеќе од половина од пријавените штети се од физички лица (215), додека 134 штети врз осигуран имот пријавиле фирми
По невремето што го зафати Скопје на 30 август, скопјани пријавиле 349 осигурени штети, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурувања (АСО).
Според податоците што АСО ги обезбеди од сите 11 компании за недвижно осигурување, од сите пријавени штети поголем број, односно 215, се врз имот осигурен од физички лица. Компании и други правни лица со седиште во Скопје пријавиле 134 штети врз имотот.
Граѓани и фирми од Скопје пријавиле осигурени штети во сите 11 осигурителни компании. Активно осигурување имот имаат речиси 51 000 скопјани, а 215 од нив пријавиле штети во силното невреме што на крај на август го зафати централното градско подрачје. Од сите 349 штети во една осигурителна компанија се пријавени дури 117.
За трговскиот центар „Ист гејт мол“, кој исто така се поплави, се наведува дека е осигуран со франшиза од 100 000 евра. Франшизата значи дека двете страни се согласни осигурителната компанија да покрие само штети поголеми од 100 000 евра, а осигуреникот сам да покрие штета доколку нејзината вредност е пониска или иста со износот утврден со франшизата. Воедно, овој трговски центар има осигурување и од професионална одговорност, а полиси за осигурување имот имаат и одреден број закупци на деловни единици, информираа од осигурителните компании.