Косовската полиција најави дека во наредните денови ќе го зголеми присуството на северот на Косово и изјави дека тоа е со цел да се одржи јавниот ред
По влегувањето на косовските специјалци, во северниот дел на Косовска Митровица е мирно. Нема инциденти, но тензично е. Целта на Курти е окупација на северот на Космет, изјави Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, јавува РТС.
Околу 300 косовски специјалци, придружувани од бројни оклопни возила, синоќа влегоа во Северна Митровица од правец на јужна Косовска Митровица.
Специјалните сили се распоредија околу градот и го блокираа северниот дел на Митровица.
Во северниот дел на Косовска Митровица е мирно, а насобраните граѓани се разотидоа.
Косовската полиција најави дека во наредните денови ќе го зголеми присуството на северот на Косово и изјави дека тоа е со цел да се одржи јавниот ред.
Албин Курти „продолжува со незаконски и насилни акции со цел да го окупира северот на Косово и Метохија“, изјави директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ и нагласи дека Курти сака да предизвика насилство и да го протера српскиот народ од Косово од КиМ, каде напаѓа градинки, луѓе во Велика Хоча.
Белград ќе го разгледа враќањето до 1 000 припадници на безбедносните сили на КиМ според резолуцијата 1244, рече Петковиќ и ѝ порача на меѓународната заедница дека не треба да биде изненадена од одлуките на Белград, кој е решен да ја зачува српската заедница во јужната провинција.
Владата на Косово ги демантираше пишувањата во српските медиуми дека специјални полициски единици биле испратени на северот на Косово. Во изјава за регионалниот сервис за Радио Слободна Европа (РСЕ), портпаролот на косовската влада рекол оти се работи за обична, а не за специјална полиција.
Завчера во Северна Митровица, општина со мнозинско српско население на северот на Косово биле фрлени две експлозивни направи. Во овој инцидент нема повредени лица, а како што информирал директорот на полицијата за овој регион, Бесим Хоти станува збор за шок бомби.
Експлозиите се случуваат еден ден откако косовската полиција објави дека маскирани групи и поединци употребиле „опасни средства, вклучително и рачни гранати од југословенско производство“ во нападот на канцелариите на општинските изборни комисии во Северна Митровица и Зубин Поток.