Според статистиките на здравствените власти на Албанија, во насилните демонстрации досега повредени се 191 полицаец, 88 демонстранти и 31 случајни минувачи
Од почетокот на протестите во Албанија, кои вчера влегоа во својот седми ден, повредени се вкупно 310 лица – покажуваат најновите податоци на Министерството за здравство.

Најголем дел од повредените се полициски службеници. Според статистиките на албанските здравствени власти, во насилните демонстрации досега повредени се 191 полицаец, 88 демонстранти и 31 случајни минувачи.
За време на вчерашните протести медицинска помош побарале седум лица, меѓу кои и претставник на меѓународен медиум. Тој е отпуштен од болница и е надвор од животна опасност.
Антивладините протести во Албанија, со кои се бара оставка од премиерот Еди Рама, започнаа на 13 октомври, а проследени се со инциденти, насилство и судири на демонстрантите и полицијата. Студентите протестираат поради зголемените трошоци за образование и влошените услови на универзитетските кампуси, а ја обвинуваат власта за корупција и за запоставување на образованието. Тие се револтирани и поради продажбата на недопрени делови од албанскиот брег на Јадранското Море за изградба на луксузен комплекс, проект зад кој стои Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
