Германија, Италија, Чешка и повеќе други земји ги повикаа своите граѓани да избегнуваат протести и да ги следат упатствата на локалните власти, додека Малезија препорача да се разгледа одложување на непотребните патувања
Европски и азиски земји издадоа безбедносни предупредувања за своите граѓани кои престојуваат или планираат да патуваат во Франција, поради можноста за нови немири и насилни демонстрации. Препораките главно се однесуваат на избегнување протестни собири, зголемена претпазливост и почитување на упатствата на локалните власти.

Според „Франс 24“, германското Министерство за надворешни работи предупредило дека не може да се исклучат нови немири во наредните денови, повикувајќи ги германските државјани да ги следат упатствата на полицијата.
Италија ги повикала своите граѓани да го регистрираат престојот во Франција преку веб-страница или апликација, со цел полесно да бидат контактирани во случај на потреба.
Чешките власти, пак, препорачале избегнување демонстрации, протестни маршеви и јавни собири, оценувајќи дека безбедносната состојба во земјата се влошила.
Предупредувања издале и Полска и Холандија, советувајќи ги патниците да се држат подалеку од подрачјата зафатени со протести.
Данска, Шведска, Финска и Норвешка, исто така, ги повикаa своите граѓани да не учествуваат во демонстрации и да ги почитуваат препораките на локалните власти.
Кинеското Министерство за надворешни работи и дипломатските мисии на земјата во Франција ги повикаa кинеските државјани да преземат дополнителни безбедносни мерки и да ги избегнуваат местата на кои се одржуваат протести, објавија кинеските државни медиуми.
Малезиското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја следи ситуацијата и дека патувањата во Франција засега не се ограничени. Сепак, на граѓаните им препорача да размислат за одложување на непотребните патувања додека не се подобри безбедносната состојба. Амбасадата на Малезија во Париз ги повика оние што веќе се наоѓаат во Франција да бидат внимателни.
Протестите за образованието прераснаа во пошироко незадоволство
Бранот протести во Франција почна кон средината на септември, со локален штрајк и протести на ученици и наставници во средно училиште во сиромашно предградие на Париз. Незадоволството беше поттикнато од лошите услови за образование, недостигот на наставници, преполните училници и дотраените училишни објекти.
Протестите потоа се проширија во средните училишта и на факултетите низ земјата, со блокади и судири со полицијата. Кон демонстрантите се приклучија синдикати, родители и активисти од движењето „Жолти елеци“.
Покрај првичните барања за подобрување на условите во образованието, протестите прераснаа во поширок израз на незадоволство поради високите трошоци за живот, поскапувањето на горивата и владините мерки за штедење.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну вчера соопшти дека од градоначалниците во неколку града побарал вечерва да воведат делумен полициски час.
Лекорну порача дека е целосно решен да воспостави јавен ред и поради тоа побарал, доколку е потребно, локалните власти да воведат делумен полициски час. Тој не ја исклучува можноста да биде прогласена вонредна состојба доколку тоа е неопходно, но засега, според него, делумниот полициски час се чини за посоодветно решение.
Франција во саботата беше соочена со масовни протести кои ескалираа во насилни судири со полицијата. Освен во Париз, демонстрации се случуваа и во Лион, Марсеј и во неколку други града низ државата. Присутните палеа автомобили, згради и угостителски објекти, а други ја користеа можноста да ограбат и вандализираат голем број продавници. Само во саботата, полицијата приведе над 1 800 лица.
