Според четиридневното истражување, кое заврши вчера, 31 отсто од Американците ја одобруваат работата на Трамп како претседател. Тоа е за еден процентен поен помалку во споредба со анкетата спроведена пред две недели и најниско ниво на поддршка во кој било од неговите претседателски мандати
Падот на популарноста на Трамп се поврзува и со економските последици од воените напади врз Иран, што Соединетите Американски Држави (САД) ги започнаа заедно со својот сојузник Израел во февруари годинава. Акцијата придонесе за раст на цените на горивата, дополнително оптоварувајќи ги семејните буџети на Американците
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на рекордно ниско ниво од 31 отсто. Загриженоста на граѓаните поради високите цени на горивата и незадоволството од економската политика може да се одразат врз резултатот на Републиканската партија на конгресните избори на 3 ноември, покажува најновата анкета на Ројтерс и Ипсос.

Според четиридневното истражување, кое заврши вчера, 31 отсто од Американците ја одобруваат работата на Трамп како претседател. Тоа е за еден процентен поен помалку во споредба со анкетата спроведена пред две недели и најниско ниво на поддршка во кој било од неговите претседателски мандати.
Американците на 3 ноември ќе гласаат на конгресните избори, на кои ќе се одлучува која партија ќе има контрола врз Конгресот во последните две години од мандатот на Трамп.

На прашањето за која партија би гласале доколку изборите за Конгресот се одржат денеска, 47 отсто од регистрираните гласачи се определиле за демократите, додека 35 отсто би гласале за републиканците.
Предноста на демократите од 12 процентни поени е најголема во актуелниот изборен циклус. Во претходната анкета, спроведена пред две недели, разликата изнесувала седум процентни поени, со поддршка од 44 отсто за демократите и 37 отсто за републиканците.

Сепак, националните анкети не ги одразуваат целосно изборните трки во одделните сојузни држави и изборни окрузи, кои го одредуваат составот на Претставничкиот дом и Сенатот. Републиканците имаат одредени структурни предности во овие трки, па националната предност на демократите не значи автоматски дека тие ќе освојат мнозинство во двата дома на Конгресот.
Републиканците во моментов имаат тесно мнозинство во двата дома на американскиот Конгрес. Губењето на мнозинството во кој било од нив би му го отежнало на Трамп спроведувањето на политичката агенда во последните две години од неговиот мандат.
Поголемата поддршка за демократите особено се забележува кај жените. Околу 50 отсто од гласачките изјавиле дека би гласале за демократските кандидати, наспроти 32 отсто кои би ги поддржале републиканците. И кај мажите демократите имаат предност, но разликата е помала.
Падот на популарноста на Трамп се поврзува и со економските последици од воените напади врз Иран, што Соединетите Американски Држави (САД) ги започнаа заедно со својот сојузник Израел во февруари годинава. Акцијата придонесе за раст на цените на горивата, дополнително оптоварувајќи ги семејните буџети на Американците.
Незадоволството од економската политика е изразено и меѓу дел од републиканските гласачи. Вкупно 68 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп управува со економијата, вклучително и 37 отсто од испитаниците кои се идентификуваат како републиканци.
На прашањето која партија би управувала подобро со економијата, 40 отсто од испитаниците ги избрале демократите, а 33 отсто републиканците.
Како што објави Ројтерс, анкетата е спроведена онлајн на 1 679 полнолетни Американци, од кои 1 279 биле регистрирани гласачи.
