Независната пратеничка Хелен Хејнс, според Ројтерс, била оперирана во текот на ноќта, но и понатаму се наоѓа во критична состојба по нападот што се случил вчера во малиот рурален град Вангарата, оддалечен околу 300 километри северно од Мелбурн
По нападот е уапсен 43-годишен маж, а во истрагата се вклучени повеќе служби на земјата, меѓу кои и онаа за борба против тероризам
Премиерот Албанезе ги повика Австралијците да се однесуваат едни кон други со поголема почит, изразувајќи загриженост поради растечките поделби во земјата. Тој исто така укажа на „значителен пораст“ на заканите упатени кон политичарите во последните години
Лекари ѝ ја ампутирале едната нога на австралиска пратеничка откако била нападната од маж кој двапати ја удрил со возилото што го управувал, соопштија денеска австралиските власти, пренесе Ројтерс.

Според пишувањето на локалните медиуми, кои се повикуваат на информациите од властите на земјата, инцидентот е предмет на истрага на полицијата, во која е вклучена и службата за борба против тероризам.
Независната пратеничка Хелен Хејнс, според Ројтерс, била оперирана во текот на ноќта, но и понатаму се наоѓа во критична состојба по нападот што се случил вчера во малиот рурален град Вангарата, оддалечен околу 300 километри северно од Мелбурн.
Мотивот за нападот сè уште не е познат, но, според изјавата на австралискиот премиер Ентони Албанезе, тој се поврзува со политичката атмосфера во земјата, во која сè повеќе доминира непријатна поларизирана дебата.
„Јасно е дека станува збор за намерен чин. Ова не беше несреќа, односно ситуација во која некој само излетал од патот“,
изјавил Албанезе за Еј-би-си њуз (ABC News).
Според првичните сознанија од истрагата, автомобилот ја удрил Хејнс додека таа ставала или вадела предмети од багажникот на своето возило, рекол австралискиот премиер.
Австралиските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека пратеничката во парламентот, Хејнс, ја изгубила едната нога како последица на повредите, а лекарите се борат да ја спасат другата.
По нападот е уапсен 43-годишен маж, а во истрагата се вклучени повеќе служби на земјата, меѓу кои и онаа за борба против тероризам.
Полицијата, според информациите на медиумите, разгледува можни обвиненија против лицето, вклучително и за нанесување повреди на јавен функционер – кривично дело за кое според австралиските закони е предвидена максимална казна од 10 години затвор. Во меѓувреме, истражните органи се обидуваат да ги утврдат мотивите за нападот.
„Во оваа фаза, индициите се дека станува збор за изолиран инцидент“,
изјавила комесарката на Федералната полиција на Австралија, Криси Барет.
Бербер го совладал напаѓачот и му одзел нож
Министерот за внатрешни работи на земјата, Тони Бурк, за Еј-би-си Радио (ABC Radio) изјавил дека според сведоци на настанот, напаѓачот возел наназад и по вторпат ја удрил Хејнс, пред да интервернира едно од лице што во тоа време било присутно на местото.
Имено, според извештаите на медиумите, Рики Џеферис истрчал од својата берберница, мислејќи дека станува збор за сообраќајна несреќа. Но, потоа, откако сфатил дека се работи за нешто друго, успеал да го совлада напаѓачот, од кого одзел и нож.
„Слушнав силен удар, без звук на кочење. Веднаш истрчав надвор за да видам што се случува. Првично не ја сфатив сериозноста на ситуацијата, а штом таа стана јасна, едноставно го направив она што можев. Истото што и други веќе се обидуваа да го направат“,
изјавил тој за новинарите пред својата берберница.
Насилните напади врз политичари се исклучително ретки во Австралија, каде, како што пишува Ројтерс, федералните пратеници, лидерите на сојузните држави, па дури и премиерите, редовно можат да се забележат во супермаркети и кафулиња, како присуствуваат на јавни настани и разговараат со граѓаните, притоа придружувани од минимално обезбедување.

Пред да биде избрана во парламентот како независен кандидат во 2019 година за изборната единица Инди, Хејнс работела во областа на медицинската нега и акушерството, како и во академската сфера. Таа го задржала своето место во парламентот и на изборите во 2022 и 2025 година.
Пред болницата каде што се лекува Хејнс, Шон Хил, жител на Мелбурн, изјави дека нападот покажува оти „политичката клима денес станува сè повеќе поларизирана“.
„Никој не заслужува да биде изложен на каков било ризик, особено не некој што им служи на луѓето и се обидува да го направи најдоброто за австралиската заедница“,
изјави Хил за Ројтерс.
Албанезе: Мора да ја намалиме политичката тензија
Премиерот Албанезе ги повика Австралијците да се однесуваат едни кон други со поголема почит, изразувајќи загриженост поради растечките поделби во земјата. Тој исто така укажа на „значителен пораст“ на заканите упатени кон политичарите во последните години.
„Сите ние имаме одговорност да ја намалиме тензијата. Навистина не сакам да видам промена во карактерот на Австралија“,
изјавил австралискиот премиер.
