Пендаровски ќе има обраќање на пален дискусија за геополитичката криза, а ќе присуствува и на работна вечера организирана од Макрон. Предвидено е да оствари средби и со повеќе шефови на држави
Денеска во Франција се одржува петтиот Париски мировен форум, кој на едно место ќе собере лидери на голем број држави и претставници на меѓународни организации.
Форумот е насловен „Излегување од мултикризата“ и е посветен на најголемите предизвици на денешницата, меѓу кои влошените климатски промени, брановите на пандемијата на коронавирусот, продлабочувањето на нееднаквоста и геополитичките конфликти со глобални последици. Исто така, се очекува во фокусот да биде и спречување на деструктивната поларизација на светот.
Еден од учесниците на форумот ќе биде и претседателот Стево Пендаровски кој ќе се обрати на панел на кој ќе се дискутира за геополитичката криза, а ќе присуствува и на панелот „Универзализам предизвикан од војната во Украина“, на кој ќе говори францускиот претседател Емануел Макрон.
Вечерта, пак, Пендаровски ќе присуствува на работна вечера организирана од францускиот претседател Емануел Макрон.
Од кабинетот на претседателот најавуваат дека во рамки на неговото учество на Форумот, планирано е да остави средби со претседателите на Естонија, Романија, Швајцарската Конфедерација и Унгарија.
Парискиот мировен форум го започна Макрон во 2018 година, на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, со цел да се промовира мултилатерализмот.