Министерот е уверен дека ќе приложат доволно докази дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за третирање на Груевски како специјален затвореник бидејќи токму во неговото време се изградени хашките ќелии
Во новото барање за екстрадиција за експремиерот Никола Груевски што го подготвува Министерството за правда, новиот министер Кренар Лога сугерирал да се наведе дека имаме услови за лица од негова категорија – хашките ќелии што ги градеше токму неговата влада.
Во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 Лога рече дека ова го сугерирал бидејќи Груевски добил азил со образложение меѓу другото и дека Северна Македонија нема добри услови во затворите за неговата категорија осуденици.
„Груевизмот нема да избега од Северна Македонија додека овој човек и луѓето околу него и тој дух не ја добијат заслужената казна. Во моментов подготвуваме писмо со барање за негова екстрадиција за девет други кривични дела, за кои тој е обвинет и има меѓународна потерница. Во горенаведеното писмо, дадов сугестија да се напише дека Северна Македонија ги исполнува условите за категоријата личност како Груевски, бидејќи истиот тој Груевски градел ќелии во притвор и во затвори, таканаречени хашки ќелии, кои ги исполнуваат сите стандарди и верувам дека со овие докази ги исполнуваме стандардите за неговото третирање како специјален затвореник и сметам дека треба да биде екстрадиран од Унгарија“,
вели Лога.
Новото барање за екстрадиција го најавија од Министерството за правда уште во септември лани во времето на Никола Тупанчески.
Груевски избега во Унгарија во ноември 2018 година кога требаше да почне да ја издржува правосилната двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес.
Покрај затворската казна во „Тенк“, Груевски има правосилна пресуда од една година и шест месеци затвор во случајот „Насилство во Центар“. Неправосилна, односно пресуди за кои треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје, експремиерот има и во „Плацови на Водно“ – седум години затвор, ТНТ – девет години затвор, и „Талир 2“ – шест години. Против него се водат уште неколку други судски процеси, меѓу кои и за изборни нерегуларности во „Титаник“ и за изградбата на автопатиштата во „Траекторија“, а осомничен е и во случајот за организацијата на настаните од Собранието на 27 април 2017 година.