За експремиерот досега е поднесено едно барање за екстрадиција во 2018 и едно дополнување во 2019 година, но унгарските власти ги одбија со објаснување дека тој има добиено политички азил
За двајца од осудените во „Монструм“, пак, досега двапати е побарано од Косово да бидат екстрадирани, но косовските власти ги одбија тие барања. Новото ќе следува откако Апелација им ги потврди доживотните казни затвор на Исмаиловиќ и Демири
Во наредниот период ќе се поднесат нови барања за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски, како и на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, осудени во случајот „Монструм“, најавија од Министерството за правда.
Барањето за Груевски ќе се испрати до властите во Унгарија, каде што поранешниот премиер избега во ноември 2018 година пред да почне да ја извршува двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес.
„За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница. Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал. Состојбата со сите судски постапки внимателно се следи, а Министерството за правда ќе постапи соодветно и ќе поднесе ново барање за екстрадиција“,
велат од Министерството за правда.
Покрај затворската казна во „Тенк“, Груевски има правосилна пресуда од една година и шест месеци затвор во случајот „Насилство во Центар“. Неправосилна, односно пресуди за кои треба да се изјасни и Апелацискиот суд во Скопје, експремиерот има и во „Плацови на Водно“ – седум години затвор, ТНТ – девет години затвор, и „Талир 2“ – шест години. Против него се водат уште неколку други судски процеси, меѓу кои и за изборни нерегуларности во „Титаник“ и за изградбата на автопатиштата во „Траекторија“, а осомничен е и во случајот за организацијата на настаните од Собранието на 27 април 2017 година.
За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се наоѓаат во Косово, пак, новото барање ќе следува откако Апелацискиот суд Скопје минатата недела ја потврди пресудата за „Монструм“ каде што тие се осудени на доживотен затвор за масакрот кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.
Ова беше второ судење за „Монструм“ откако и во првото тие беа осудени на доживотен затвор.
За Демири и Исмаиловиќ екстрадиција беше побарана уште во март 2013 година, но барањето беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015, која беше потврдена и од Апелацискиот суд на Косово во 2016 година.
Екстрадиција повторно беше побарана за двајцата во септември 2018 година, а три години подоцна, во октомври лани од македонските власти добија известување од косовското Министерство за правда дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, додека за Демири немало одговор за второто барање.