Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце во 2001 година, денеска беше откриен во Куманово. Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден во 2001 година. Организатор на денешниот настан се здружението „Слобода, искреност, лојалност, акција – СИЛА“ и колегите од единицата „Волци“.
„Тој учествуваше во таа акција и го даде својот живот за нашата Македонија. За жал, 23 години само за овој човек, колку што имам информација, барем за оваа случка никој нема направено апсолутно ништо. Јас како негов другар, сосед, претпоставен, бидејќи и јас тогаш бев вработен во ‘Волци’ како старешина, сега пензионер, си зедов за обврска заедно со единицата ‘Волци’ да направиме свечена манифестација каде што ќе го одбележиме настанот“,
изјави Антонио Станковски од здружението „СИЛА“.
Муралот го изработија уметниците од „Форма“, кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.
„Ова можеби е само почеток. Немаме ниедна улица, објект, јавен во градот, којшто би требало да го носи неговото име, тука треба општината да донесе одредени одлуки, каде што никој нема да се налути, бидејќи го градиме мултиетничкото општество, но постои начин“,
вели Станковски.
Денеска се навршуваат 23 години од заседата кај шарпланинското село Вејце во која загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили – четворица припадници на спацијалната единица „Волци“ и четворица припадници на посебната единица на полицијата од Битола.
На 28 април 2001 година беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).
Масакрот се случил во 17:45 часот откако од заседа биле убиени, а потоа масакрирани и живи запалени осумтемина припадници на безбедносните сили.
Стојанче Ангелов на Фејсбук објави дека делегација на Достоинство „утрово положи букет свежо цвеќе и запали осум свеќи во чест и помен на осумтемина загинати бранители убиени во крвавата заседа кај Вејце“.