Реакцијата на опозицискиот СДСМ следува по денешната изјава на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во која рече дека можеби првпат во последните децении, гостиварци ќе можат да користат бактериолошки исправна вода за пиење
Со изјавата дека верува оти граѓаните на Гостивар првпат по многу години ќе користат бактериолошки исправна вода, премиерот Христијан Мицкоски потврдува дека власта во изминатите две години знаела за ситуацијата и молчела. Ваква е реакцијата на опозицискиот СДСМ по денешната изјава на Мицкоски, во која рече дека можеби првпат во последните децении, гостиварци ќе можат да користат бактериолошки исправна вода за пиење.

„Мицкоски денеска изјави: ‘Верувам дека за првпат по многу години граѓаните ќе користат вода која е целосно бактериолошки исправна.’ За првпат? Значи две и кусур години, додека ВМРО-ОКГ има апсолутна власт, водата во Гостивар не била исправна. Значи две години знаеле, молчеле и ги труеле сопствените граѓани. А водата сѐ уште не е исправна. Проблеми со неисправна вода има во десетици градови низ Македонија. Системски колапс што трае две години. Сега сакаат да се претстават како спасители. Ова не е успех. Ова е признание за кривично дело“,
велат од СДСМ.
Опозициската партија обвини и дека надлежните сè уште не ги доставиле документите дека водата од градскиот водовод во Гостивар е технички исправна, а граѓаните ја користат.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека очекува да има проширување на истрагата во врска со водата во Гостивар. Според него, се оди кон ситуација кога можеби по првпат во последните децении во Гостивар, граѓаните ќе можат да користат вода за пиење која ќе е бактериолошки исправна.
