Во текот на изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 15 нови заразени со коронавирус, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
По градови: Во Скопје 4, Куманово 8 и по еден во Тетово, Струга и Штип.
Со новите пациенти, вкупниот број на заразени во земјава изнесува 570.
Седум пациенти, пак, се излечени, односно покажале негативни резултати на два последователни теста. Станува збор за четири лица кои биле хоспитализирани на Инфективната клиника, и три лица од Дебар кои биле на домашно лекување.
Филипче ја посочи и информацијата за тројцата починати, за кои веќе објавивме. Станува збор за првиот заразен пациент во Кочани на 40-годишна возраст и за двајца пациенти на возраст од 69 и 65 години.
Само за пациентот на 69-годишна возраст е познато дека имал претходни заболувања – тумор на мозокот.
Филипче информираше дека во изминатото деноноќие биле направени 202 теста. Тоа е помалку од досегашниот дневен просек кој изнесува 350 теста, а причината, како што објасни министерот, е што во недела се намалени капацитетите во однос на дежурствата и луѓето кои работат во лабораториите.
Кога станува збор за состојбата во болниците, од вкупно заразените лица, 70 се сместени на Инфективната клиника во Скопје и од нив 8 се ставени на апарати за дишење, 10 се со потешка клиничка слика, а другите се со средна клиничка слика.
Во градската болница „8 Септември“, пак, има 8 пациенти од кои двајца се на респиратори.
Во битолската болница, која ќе стане регионален центар, има само еден пациент, но во тек е префрлање на пациентите од охридската болница во Битола.
Во болницата во Штип, пак, се сместени тројца пациенти и сите се со лесна клиничка слика.