Како што пренесува „Гардијан“, експлозијата била предизвикана од направа скриена во електричен скутер во моментот кога Кирилов ја напуштал станбената зграда каде што живеел

Високиот генерал на руската армија и шеф на силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана Игор Кирилов загинал во експлозија во Москва.
Како што пренесува „Гардијан“, експлозијата била предизвикана од направа скриена во електричен скутер во моментот кога Кирилов ја напуштал станбената зграда каде што живеел.
„Според истрагата, утринава на Рјазански Проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“,
изјави портпаролот на Истражниот комитет.
Тој бил придружуван од неговиот помошник, кој исто така починал.
Кирилов бил одговорен за руските сили за нуклеарна одбрана, а за нивни шеф е назначен во април 2017 година.
Руските медиуми пренесуваат дека инспектори и форензички експерти работеле на местото на настанот заедно со вработени во други служби за итни случаи и оти во во врска со смртта е отворена кривична истрага.
„Гардијан“, повикувајќи се на украинскиот медиум „Киев пост“, пренесува оти експлозијата доаѓа еден ден откако украинските обвинители го обвинија генералот за употреба на забрането хемиско оружје во Украина.
Кирилов е санкциониран од Британија за неговата улога во војната во Украина.