Првиот човек на ДИК најавува дека, доколку серверот покаже дека работи добро, ќе почнат и обуките на претседателите и замениците на избирачките одбори
Во Државната изборна комисија (ДИК) денеска пристигна серверот потребен за користење на системот со кој на претстојните локални избори гласачите ќе се идентификуваат со отпечатоци од прсти. Со серверот пристигнаа и 10 станици за полнење на терминалите со информации за гласачите и тој сега ќе биде подложен на тестирање.
„Сега во просториите ќе биде поврзан со главниот сервер на ДИК и ќе биде тестиран за полнење. Серверот стигна една недела предвреме затоа што е многу важна таа операција, да се види дали ќе полни, како ќе полни и времето, брзината на полнење“,
вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
За два-три дена, вели тој, ќе пристигне нова пратка со терминали за отпечатоци од прсти. Иако по првичните 200 беа предвидени четири пратки од по 950 апарати, првиот човек на ДИК вели дека наредната ќе биде со повеќе од 950 терминали, а веќе следната недела ќе пристигнат и преостанатите. Првиот човек на ДИК најавува дека ќе почнат и обуките на претседателите и замениците на избирачките одбори и оценува дека процесот оди повеќе од добро.
„Ако серверот покаже дека добро работи, ќе ги подготвиме и за едукација на претседателите и замениците на избирачките одбори. Ќе се стави во функција целата операција, што значи дека процесот оди добро, односно и повеќе од добро, затоа што серверот пристигна една недела порано и може да се почне со полнење на овие терминали што се за обуки, а потоа и со полнење на други терминали во зависност од заклучувањето на избирачкиот список“,
вели Даштевски.
Избирачкиот список треба да се заклучи на 24 септември, потоа ќе биде обработен од ИТ-секторот и од 28 септември, според Даштевски, ќе почне полнењето на терминалите, процес што ќе трае неколку дена.