Даштевски информира дека е во тек собирање потписи за уште 18 можни кандидати за градоначалници, додека за советите досега се собрани потписи за 42 листи. За опремата од „Дермалог“ рече дека ќе стигне кон крајот на следната седмица, иако првично како датум беше најавен 25 август
Во ДИК досега се поднесени 15 листи за независни кандидати за градоначалници, а во тек е собирањето потписи за уште 18 кандидати. За советите има 42 листи за кои веќе се собрани потписи, а во тек се уште 24, информира вечерва претседателот на ДИК, Александар Даштевски, два дена пред истекот на рокот, на 30 август, за обезбедување граѓанска поддршка за учество на локалните избори на 17 октомври.
Во гостување во вестите на Сител, Даштевски информира и дека досега се направени 7 054 проверки во избирачкиот список. Има, додаде, 16 барања за запишување во Избирачкиот список, 28 за бришење на податоците и пет барања за измена на податоците, при што 20 се поднесени електронски.
Кон крајот на следната недела, рече Даштевски, се очекуваат да пристигнат првите уреди за биометриска идентификација на гласачите, а во понеделник во земјава треба да дојдат инженерите од Германија. Претседателот на ДИК рече дека првите апарати требало веќе да стигнат, но оти се работи за процедури поврзани со документацијата.
Апаратите, како што појасни, се специфични и гласањето ќе се одвива така што првично се става исправата за лична идентификација, по што на екран излегуваат личните податоци за лицето. Со ставањето прст, апаратот покажува дали лицето веќе гласало. Ако веќе гласало, ќе свети црвено светло, а доколку не гласал, ќе свети зелено светло. Во случај кога лицето не е на вистинското избирачко место, на апаратот ќе се покаже жолто светло и информација на кое избирачко место треба да се упати гласачот.
„Во техничката спецификација за набавка ставивме дека апаратот треба да има и звучен сигнал“,
рече Даштевски.
Тој се надева дека со овој модел на гласање ќе се стави крај на сите незадоволства што се јавуваат по изборите и непризнавање на изборните резултати.