Претседателот на ДИК соопшти дека е потпишан договорот со германската компанија, која ќе се грижи за одржување на опремата во наредните четири години, а околу чиј избор имаше повеќе забелешки во изминатиот период
Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог“, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти, системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години, односно четири изборни циклуси. Договорот е во висина од околу 11 милиони евра.
„Првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври годинава во земјата треба да пристигнат на 25 август“,
истакна денеска во интервју за МИА претседателот на ДИК Александар Даштевски.
Тој потенцира дека договорот ги опфаќа и услугите што компанијата треба да ги испорача кон Комисијата во наредните четири години.
„Услугите, како што е дефинирано вчера во договорот, ќе траат не само за овој избирачки процес, туку во наредните четири години, сервисирање на опремата и спроведување на целиот изборен процес, во смисла на ставање на отпечатоци на прст. Она што беше дилема во јавноста зошто ваков договор и како ќе се направи тоа, е решено со ова, бидејќи сервисната поддршка ќе изнесува 60 месеци, сметано од потпишување на договорот и согласно со планот за поддршка и одржување наведена во техничкиот дел на понудата на носителот на набавката, а носителот на набавката е компанијата со која го склучивме. Тоа ќе значи дека тие услуги што ќе ги дадат се да бидат присутни тука на теренот со 150 и повеќе инжинери ако проценат“,
вели Даштевски.
Меѓу другото, објаснува дека вработени од компанијата „Дермалог“ ќе направат технички преглед на терминалите, ќе мора исто така да направат прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, а се работи за некаде околу 7.000 луѓе кои исто така ќе бидат обучени. Вработени од „Дермалог“ исто така ќе го вршат полнењето и празнењето на терминалите со податоци од избирачкото место на кое ќе биде употребен соодветниот терминал.
„Нивниот софтвер треба да го поврзат со нашиот софтвер и да ги наполнат терминалите со бројчиња по избирачки список, односно по избирачки места“,
вели Даштевски.
Посочува дека како посигурна ја избрале варијантата терминалите да ги содржат само податоците за лицата кои ќе гласаат на избирачкото место. Терминалите, како што вели, нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Вработени на „Дермалог“ ќе бидат мобилни и на денот на изборите и во секоја ОИК ќе има по еден или двајца инжинери кои ќе бидат постојано на услуга. На крајот од изборниот ден терминалите ќе бидат земени од избирачките одбори и податоците ќе бидат вратени во серверот, потоа повторно ќе бидат криптирани и ќе бидат вратени на МВР.
Терминалите, системот, другата опрема и услуги што „Дермалог“ ќе ги дава за четири изборни циклуси по ред ќе чинат околу 11 милиони евра.
„Сега за локалните избори, понатаму следните претседателски, парламентарните и следните локалните избори сервисот и оваа постапка што ја кажувам тие треба да ја спроведуваат. Тоа ќе биде за пет години, сервисирањето е четири години за апаратите, а гаранцијата е пет години за апаратите. Вкупната сума за пет години е 678 979 979 денари“,
изјави Даштевски.
Исплатата на оваа сума, доколку целиот процес успешно се изведе, ќе биде по завршувањето на локланите избори односно средината на ноември годинава.