Пријавувачот бара итна реакција од Обвинителството оти вели дека на терен има обемни градежни активности „на диво“, а тврди и дека јавен обвинител од републичкото обвинителство врши притисок за легализација како коинвеститор со уште едно лице – Џеват Бајрами
Од Општина Бутел за „360 степени“ велат дека лицето Џеват Бајрами е управител на фирма против која започнале инспекциска постапка, додека за јавниот обвинител немаат податоци за градежни активности. Негираат притисоци

Без да го открие својот идентитет, анонимен испраќач преку емаил испратен до повеќе медиуми соопшти дека вработен во Општина Бутел поднел кривична пријава за бесправно градење против јавниот обвинител Џелал Бајрами и уште едно лице Џеват Бајрами.
Пријавувачот бара итна реакција од Обвинителството оти вели дека на терен има обемни градежни активности, без одобрение за градба.
„Пријавените лица, во својство на инвеститори/соизведувачи, на катастарските парцели со броеви: КП 1108/2, КП 534, КП 535, КП 536 и КП 537, сите во КО Бутел (Општина Бутел, Скопје), започнаа и активно изведуваат градежни работи и градат објект/објекти без за тоа да поседуваат правосилно Одобрение за градење издадено од надлежен орган (Општина Бутел), што е во директна спротивност со Законот за градење. Имено, на горенаведените парцели во Општина Бутел, пријавените преземаат обемни градежни активности (градење на нов објект / доградба / надградба), свесни дека ги немаат обезбедено потребните законски дозволи, урбанистичко-планска документација и одобрение за градење. Со ваквите преземени дејствија, пријавените лица во соизвршителство ги остварија сите битни суштествени, објективни и субјективни елементи на кривичното дело бесправно градење од чл. 244-а од Кривичниот законик. Поради тоа што за наведените парцели нема издадено одобрение за градење, а дејствијата на терен сè уште траат, неопходна е итна реакција од страна на Јавното обвинителство и надлежните инспекциски служби со цел спречување на натамошна штета и узурпација“,
се вели во пријавата.
Во маилот се тврди дека пријавувачот како докази приложил и фотографии и видеоснимки од состојбата на терен, а на Обвинителството му укажува и кои докази може да ги прибави по службена должност. Oбвинува и за притисоци од обвинителот Бајрами.
„Џелал Бајрами, злоупотребувајќи ја неговата позиција и моќ како јавен обвинител во ЈО на РСМ и неговото влијание и врски и како поранешен министер и заменик-министер, врши голем притисок за легализација на бесправно градениот објект преку Одлуки на советот на Општина Бутел, Одлуки на градоначалникот на Општина Бутел и преку Управна постапка пред Управен суд на РСМ“,
стои во пријавата.
„360 степени“ праша во Јавното обвинителство дали ја добиле пријавата и дали ги проверуваат наводите. Одговор чекаме, но оттаму првично ни кажаа дека секоја пријава што ја добиваат и ја проверуваат.
Од Општина Бутел за „360 степени“ велат дека на наведените парцели во рамки на катастарската општина немаат евидентирано дивоградби, но кажаа дека лицето Џеват Бајрами е управител на фирма против која започнале инспекциска постапка.
„Лицето Џеват Бајрами е управител на правно лице за коешто Општина Бутел има започнато инспекциска постапка за бесправно градење на катастарски парцели што се во приватна сопственост. Инспекциската постапка е во тек. Лицето Џелал Бајрами нема поднесено барање до Општина Бутел за легализација на бесправно граден објект и немаме податоци дека врши притисок преку органи на општината“,
велат оттаму.
Со оглед на тоа што Општината вели дека на наведените парцели не се гради на диво, а истовремено води инспекциска постапка за дивоградба на фирмата на Џеват Бајрами, може да значи и дека пријавителот направил грешка – ненамерна или намерна – при наведувањето на конкретните локации и дејства.
„360 степени“ стапи во контакт со обвинителот Џелал Бајрами кој ни рече дека не е ниту градежник, ниту инвеститор, и дека откако е роден живее во семејната куќа во Куманово.
„Повеќе од 20 години, освен адвокатурата немам никаква допирна точка со некои други бизнис активности. Откако ја затворив адвокатската канцеларија сум на различни функции и затоа најкатегорично ги отфрлам ваквите обвинувања“,
кажа обвинителот Бајрами и не сакаше дополнително ништо да коментира.
