Ал-Судани беше одговорен за поттикнување на зголеменото присуство на ИСИС во Африка и за финансирање на операциите на групата низ светот, вклучително и во Авганистан, вели секретарот за одбрана Лојд Остин
Во американска воена операција убиени се висок лидер на ИСИС и 10 членови на терористичката група во северна Сомалија, потврдуваат високи претставници на администрацијата на Бајден.
„Од комплекс на пештери на една планина во северна Сомалија, Билал ал-Судани се смета дека ги раководел активностите на ИСИС низ Африка и надвор од континентот“,
рекоа од администрацијата на Бајден.
Секретарот за одбрана Лојд Остин потврди дека Ал-Судани бил убиен.
„На 25 јануари, по наредба на претседателот, американската војска спроведе нападна операција во северна Сомалија што резултираше со смрт на голем број членови на ИСИС, вклучително и Билал ал-Судани, лидер на ИСИС во Сомалија. Ал-Судани беше одговорен за поттикнување на зголеменото присуство на ИСИС во Африка и за финансирање на операциите на групата низ светот, вклучително и во Авганистан“,
рече Остин.
Тој додава дека ниту еден цивил не бил повреден како резултат на оваа операција.
„Благодарни сме на нашите извонредни припадници на службата, како и на нашата разузнавачка заедница и другите меѓуагенциски партнери за нивната поддршка на оваа успешна антитерористичка операција“,
додаде Остин.
Американските сили, според официјалниот претставник, биле подготвени да го заробат Ал-Судани, но „одговорот на непријателските сили“ на крајот резултирал со негова смрт.
Невообичаено е САД да спроведат операција против ИСИС во Сомалија, каде што воените операции обично се фокусирани на борците на Ал Шабаб, доминантната терористичка група во Сомалија.
Операцијата претставува продолжување на стратегијата на администрацијата на Бајден за спротивставување на терористичките закани преку операции „над хоризонтот“ како оваа, промена во стратегијата што претседателот јасно ја кажа по повлекувањето на САД од Авганистан.