Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај
Во амбасадата на Косово во Скопје вчера 17 граѓани гласале за парламентарните избори. Како што соопштија од Централната изборна комисија (ЦИК), за користење на своето право за гласање во Северна Македонија биле пријавиле 55 граѓани. Оттаму посочија дека вчерашниот изборен ден во амбасадите и конзулатите на Косово во странство поминал без никакви проблеми и пречки.
На денешните парламентарни избори во Косово ќе можат да гласаат 2 075 868 граѓани во 941 избирачки центри и 2 533 гласачки места.

Во Косово право на глас имаат 1 970 944 граѓани, а во дијаспората 104 924 лица. Косовските граѓани во дијаспората гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
На парламентарните избори учествуваат 28 политички субјекти, од кои 19 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.
Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.
Собранието на Косово има 120 пратенички места, од кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката три, турската две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг е 5 отсто.